Свет
Путин: Украина ги испраќа своите луѓе во смрт, контраофанзивата пропадна
Рускиот претседател Владимир Путин се обрати пред нацијата фокусирајќи се на неуспесите на Украина на бојното поле.
„Непријателот најави голема контраофанзива. Ништо од тоа никаде не функционира. Не знам ни зошто го прават тоа. Тие само ги испраќаат своите луѓе да бидат уништени. Тоа е билет во еден правец“, рече Путин.
Првиот човек на Русија вели дека околностите на руските сили се подобруваат на сите фронтови. Според него, Русија планира да инвестира 1 трилион рубли (11,1 милијарди долари) годишно во „интеграција и развој“ во делумно окупираните и украински региони Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје, кои Путин минатата година ги прогласи за дел од Русија.
Путин додаде дека анектираните украински територии платиле даноци од 170 милијарди рубли во рускиот државен буџет тврдејќи дека тоа го сигнализира економскиот живот на регионите откако биле окупирани од руските сили.
Прашан за иднината на четирите украински територии делумно окупирани и припоени од Русија, Путин уште еднаш прогласи неуспех на украинската контраофанзива на јужната линија на фронтот.
„Тие го отвораат патот за сопствено самоуништување“, рече тој тврдејќи дека воените загуби на Украина далеку ги надминуваат оние на руските вооружени сили.
Путин тврди дека југоисточна Украина, каде што непријателствата беснеат од 2014 година и е во центарот на актуелната војна, е „историски проруска“.
„Одеса е целосно руски град. Сите го знаат тоа добро“, рече Путин додека продолжи да ги обвинува Соединетите Американски Држави дека го поттикнуваат конфликтот со прозападна Украина.
Турските медиуми му поставија прашање на Путин за Газа.
„Ова што се случува во Газа е катастрофа“, рече Путин и додаде: „Погледнете ја специјалната воена операција и што се случува во Газа и почувствувајте ја разликата. Ништо слично не се случува во Украина“.
Путин истакнува дека руските сили уништиле стотици украински тенкови и друга воена опрема испорачана од западните земји во последните месеци.
„Бесплатната испорака на оружје еден ден ќе престане“, вели Путин за воената помош на Западот за Украина.
На прашањето кога може да заврши руската „специјална воена операција“ во Украина, како што Кремљ ја нарекува инвазијата, Путин рече дека „ќе има мир кога Русија ќе ги исполни своите цели, кои не се променети“.
Рускиот лидер вели дека целта на Москва е да ја деназифицира Украина и ја споменува неодамнешната контроверзност во врска со оддавањето почест од канадскиот парламент на поранешен член на украинската воена единица, која соработувала со нацистичка Германија во Втората светска војна.
„Постоењето на Русија без суверенитет е едноставно невозможно… Главната задача е да се зајакне суверенитетот на Русија“, рече Путин.
Додаде дека една од неговите главни задачи како претседател е „да се грижи за безбедноста на границите на Русија, одбранбената способност и правата и слободите на граѓаните“.
Прес-конференцијата доаѓа една недела откако Путин официјално го објави својот план да се кандидира за петти мандат на претседателските избори в година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.
Свет
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.
Свет
Трамп: Најновите документи за Епстин ме ослободуваат од обвинувањата
Американскиот претседател Доналд Трамп, реагираше на објавувањето на повеќе од три милиони страници документи поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, тврдејќи дека документите го ослободуваат од обвинувањата.
– Не сум ги видел документите лично, но некои многу важни луѓе ми кажаа дека тие не само што ме ослободуваат, туку покажуваат спротивно од она што радикалната левица и другите го очекуваа, им рече Трамп на новинарите во претседателскиот авион „Air Force One“, пренесува „Тајмс“.
Трамп, кој призна дека бил пријател со Епстин, повеќепати негираше каква било вмешаност или сознанија за неговите сексуални злодела, истакнувајќи дека нивното пријателство завршило пред многу години.
Министерството за правда на САД предупреди дека објавените документи можат да содржат „невистинити и сензационалистички“ тврдења за Трамп.
Министерството за правда на САД завчера објави повеќе од 3,5 милиони страници документи, околу 2.000 видео-снимки и 180.000 фотографии во рамките на новата серија материјали поврзани со случајот на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.

