Свет
Раб: Кина мора да го објасни почетокот на пандемијата на коронавирусот
Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, изјави дека Кина ќе мора да одговори на некои тешки прашања во врска со почетокот на пандемијата на новиот коронавирус.
Раб рекол дека светот мора да дознае што се случило во Кина во првите денови на пандемијата. Заразата со новиот коронавирус се појави во кинескиот град Вухан кон крајот на 2019 година.
Зборувајќи во името на британскиот премиер Борис Џонсон, кој заздравува од седумдневното болничко лекување од болеста Ковид-19, Раб истакнал дека ревизијата на сите аспекти на пандемијата, вклучително и нејзиното потекло, мора да биде заснована на наука и изведена на „изедначен начин“.
Шефот на британската дипломатија ја пофали Кина за соработката за враќање на Британците во татковината, кои биле заглавени во Вухан и за доставување медицинска опрема за борба против коронавирусот.
Американската агенција „Асошиејтед прес“ вчера објави дека документите во кои имала увид укажуваат дека највисоките кинески научници не ја предупредиле јавноста шест дена откако утврдиле дека најверојатно се соочуваат со пандемија на нов коронавирус.
Заразата со коронавирус во светот е потврдена кај над 2.140.000 луѓе, од кои починаа повеќе од 143.000.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Едно лице е тешко повредено во експлозија во зграда во Турција
Едно лице е тешко повредено во експлозија во станбена зграда во турскиот град Текирдаг, во северозападна Турција.
Засега не е познато што ја предизвикало експлозијата во станот на последниот кат од петкатницата, а како што неофицијално дознава телевизијата ТРТ, најверојатно е дека експлодирала плинска боца.
Од силината на експлозијата оштетени се ѕидовите во станот, а искршени се прозорците.
Регион
Данка денес ќе правеше две години: тажната судбина на девојчето за кое плачеше цел регион
Малата Данка Илиќ, денеска, 6 мај, ќе наполнеше две години.
Пред точно 40 дена исчезна Данка.
Тогаш за прв пат се активираше системот „Најди ме“ и започна потрагата. Покрај полицијата се вклучија и луѓе, па веќе првата вечер по девојчето трагаа повеќе од 100 луѓе. По неа трагаа жителите на Бањско поле, соседи, пријатели, противпожарна единица, како и припадници на Планинарската спасувачка служба и полицијата. Кучиња трагачи беа на пат, беспилотни летала летаа над теренот, вклучени беа хеликоптери, а теренот беше дури и прегледан со термални камери.
Мештаните тој ден рекоа дека околу куќата на Илиќ имало неколку дупки длабоки меѓу еден и два метри и дека се наполниле со подземна вода. Сите беа загрижени дека девојчето залутало и паднало со едно од нив.
Единиците на полицијата во раните утрински часови го пребараа теренот, а потрагата се уште беше отежната поради силниот дожд.
Неколку дена подоцна беше откриено дека Данка Илиќ е убиена. Осомничени за делото се Срѓан Јанковиќ (50) од село Лука и Дејан Драгијевиќ (50) од Злот, работници на Бор „Водовод“ кои се уште не ја откриваат локацијата на која го пренеле телото на девојчето од дивината. Во притвор е и таткото на Драгијевиќ, Радослав (73), осомничен дека му помагал на синот да го премести телото на девојчето. Под истрага бил и најмладиот Драгијевиќ – Далибор (40). Но, тој почина на 7 април во притвор на полицијата на Бор.
Свет
Путин издаде наредба: Вооружените сили на Русија ќе вежбаат употреба на нуклеарно оружје
Владимир Путин му наредил на Генералштабот да се подготви за вежби за употреба на нестратешко нуклеарно оружје, соопшти Министерството за одбрана на Русија.
„Со цел да се зголеми подготвеноста на нестратешките нуклеарни сили за извршување на борбени задачи, Генералштабот започна со подготовки за одржување вежби со ракетните формации на Јужниот воен округ“, се наведува во соопштението.
Како што се посочува, маневрите ќе се одржат во блиска иднина и ќе ги опфатат и авијацијата и морнарицата.
„Целта на вежбата е да се одржи подготвеноста на персоналот и опремата на единиците за борбена употреба на нестратегиско нуклеарно оружје за одговор и обезбедување на територијалниот интегритет и суверенитет на државата“, наведуваат од Министерството.
Тие додаваат и дека тоа е „одговор на провокативните изјави и заканите на одредени западни функционери“ против Русија.