Свет
Ракетен напад врз станбена зграда во Запорожје, загинаа девојче и татко ѝ
Украинските власти информираат дека 50-годишен маж и неговата 11-годишна ќерка загинале во ракетниот напад утринава врз станбена зграда во Запорожје.
Украинската државна служба за итни случаи соопшти дека руските сили рано утринава погодиле зграда во градот во југоисточна Украина.
Од урнатините е извлечена и 46-годишна жена, за која се вели дека е сопругата и мајката на жртвите, соопшти службата за итна помош.
Анатолиј Куртев, секретар на градскиот совет, рече дека два проектили уништиле една зграда и оштетиле десетици други во нападот во текот на ноќта.
„Проклети руски терористи повторно ја нападнаа Запорожје и одзедоа човечки животи“, рече тој во објавата на Телеграм.
Серхиј Крук, шеф на украинската државна служба за вонредни состојби, исто така во објава на Фејсбук рече дека „непријателот изврши ракетен напад врз Запорожје и уништи уште едно украинско семејство“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Илјадници луѓе на погребот на загинатиот претседател на Иран, но има и такви кои ја слават неговата смрт
Почнаа обредите за погребот на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и уште седуммина загинати во хеликоптерската несреќа, јавува Би-би-си. Првата церемонија е во Табриз во северозападниот дел на земјата, регионот во кој се случи несреќата во неделата.
Илјадници луѓе излегоа на улиците на Табриз да го оплакуваат претседателот Раиси.
Телото на Раиси се очекува да биде погребано во неговиот роден град Машхад во четврток.
Неделата на жалост ќе биде тест за иранските конзервативни лидери кои сакаат да испратат јасен и убедлив сигнал за континуитет, оценува Би-Би-Си.
Британската мрежа наведува дека не сите во Иран жалат за смртта на претседателот и дека многумина „ја прославија неговата смрт на социјалните мрежи“.
Иранците се собираат во градовите низ земјата за да му оддадат последна почит на Раиси, откако тој загина заедно со министерот за надворешни работи на земјата кога хеликоптерот што го носеше се урна во планински регион во северозападниот дел на Иран.
Во понеделникот, врховниот лидер на Техеран, ајатолахот Али Хамнеи, објави петдневна жалост. Откажани се и студентските испити.
Во тек се подготовките за организирање на претседателските избори кои ќе се одржат на 28 јуни.
Свет
Ердоган против Евровизија: „На вакви настани стана невозможно да сретнеш нормален човек“
Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Турција, рече дека Евровизија поттикнува „родова неутрализација“ и го загрозува традиционалното семејство.
Во неодамнешното обраќање, Ердоган ги опиша учесниците на Евровизија како „тројански коњи на перверзијата на општеството“ и оцени дека неговата влада била во право што не испратила свој претставник на натпреварот од 2012 година.
Оваа година победата на Евровизија ја освои швајцарецот Немо, кој со тоа стана првиот небинарен човек кој триумфирал во тоа натпреварување.
„Стана невозможно да се сретне нормална личност на такви настани“, рече Ердоган, чија владејачка Партија на правдата и развојот има корени од исламското движење во Турција и чија влада стана помалку толерантна кон правата на ЛГБТ во последниве години.
Според него, изборот за песна на Евровизија е „срамно натпреварување“ и сега се гледа дека одлуката на Турција да не учествува на него била „точна“, пренесува Гардијан.
Ердоган зборуваше и за популационата политика и оцени дека падот на наталитетот претставува „егзистенцијална закана“ и „катастрофа“ за Турција.
Најновите статистички истражувања покажуваат дека една жена во Турција има во просек по 1,5 деца, а турскиот лидер ги повикува семејствата да имаат најмалку три деца.
Свет
Турција прогласи ден на национална жалост поради смртта на иранскиот претседател Раиси
Турскиот претседател, Реџеп Taјип Ердоган, синоќа изјави дека Анкара ќе прослави Ден на национална жалост поради смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси, министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан и другите кои загинаа во хеликоптерска несреќа, пренесе „Ројтерс“.
„Одлучивме да прогласиме ден на национална жалост во нашата земја за да го споделиме длабокото страдање на иранскиот народ“, рече Ердоган за време на телевизискиот настап.
Шефот на државата, исто така, нагласи дека Турција продолжува да ја цени силната поддршка на Техеран за палестинската кауза.