Свет
Раскинале и завршиле на суд: Ѝ испратил сметка од 23.000 евра за се што правел додека биле заедно

Раскинувањето на една врска може да биде тешко од многу причини, а еден необичен случај е забележан во Германија. По раскинувањето, парот завршил на суд бидејќи мажот побарал од жената да му плати 23.000 евра за работата што ја работел додека биле заедно.
„Практично живеевме заедно во мојата куќа, тој беше невработен, ми помогна во уредувањето на градината и покривањето на просторот за скара“ – рекла жената, на која мажот ѝ го одзел мобилниот телефон за да му ја плати бараната сума, пренесува магазинот „Феникс“.
Кога парот раскинал по расправија, мажот го зел мобилниот телефон на поранешната девојка и ѝ испратил куп сметки во вкупна вредност од над 23.000 евра.
„Сакаше 2.000 евра само за бојадисување на дрвениот прозорец, плус трошоците за подароци и патување за мојот 60-ти роденден“ изјавила таа.
Жената му платила 1.000 евра за да ѝ го врати телефонот кој ѝ бил потребен за работа.
Судот смета дека се работи за уцена. Според пресудата, мажот мора да плати 40 дневници од по 30 евра. Инаку, тој инаку претходно бил осудуван за напад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
САД и ЕУ имаат 18 месеци да се подготват за можен вооружен конфликт со Кина и Русија, кажа командант на НАТО

Врховниот командант на НАТО во Европа, генерал Алексус Гринкевич, процени дека САД и Европската Унија имаат година и пол да се подготват за потенцијален глобален вооружен конфликт со Кина и Русија.
Тој додаде дека верува оти Пекинг и Москва би можеле да нападнат истовремено и координирано, пренесува „Билд“.
– Она што кинескиот лидер Си Џинпинг веројатно ќе го направи пред да одлучи да преземе воена акција против Тајван е да му се јави на својот пријател Путин и да го замоли за помош. Тоа за мене значи дека обете работи би можеле да се случат истовремено – рече Гринкевич за време на конференцијата за одбрана во Висбаден, Германија, каде што се наоѓа Командата на НАТО за безбедносна помош и обука на вооружените сили на Украина.
Тој додаде дека 2027 година би можела да биде „потенцијална кризна година“.
– Ќе ни треба секое оружје, опрема и муниција што можеме да ја набавиме за да бидеме подготвени – нагласи командантот на НАТО.
Според германскиот весник, во владините кругови во Берлин расте стравот дека Русија наскоро би можела да нападне една од помалите земји-членки на НАТО, бидејќи се очекува земјите од Алијансата да постигнат сериозни одбранбени способности дури во 2029 година.
Според „Билд“, некои министри во владата на Фридрих Мерц очекуваат дека руска воена провокација би можела да се случи во 2027 година.
Свет
Авион принудно слетал во САД поради обид на патник да ја отвори вратата

Авион на линијата Омаха-Детроит во САД мораше да изврши итно слетување во Ајова поради патник кој се обидел да ја отвори вратата за време на летот.
Откако полицијата го уапсила, кај него пронашла 41 таблета од лекот „Ксанакс“.
Инцидентот се случил во среда навечер по локално време, за време на летот на авионот на „Скај Вест ерлајнс“, кој извршил итно слетување во Сидар Рапидс, во државата Ајова, објави Си-Ен-Ен.
Патникот кој се обидел да ја отвори вратата претходно се скарал со стјуардесата, според пилотот.
Авионот слета безбедно, а на видео објавено на социјалните мрежи може да се види како полицијата го вади патникот со лисици од авионот.
Свет
18 загинати и 40 исчезнати откако туристички брод се преврте во Виетнам

Најмалку 18 лица загинаа, а околу 40 се водат како исчезнати откако туристички брод се преврте во заливот Ха Лонг во Виетнам, објавија денес локалните медиуми.
Бродот, кој превезувал повеќе од 50 патници, се превртел поради ненадеен силен дожд што го погодил за време на посетите на местата на светското наследство на УНЕСКО, објави порталот „Ден Три“.
Граничните полицајци спасија 12 лица и пронајдоа 18 тела“, објавува порталот „ВНекспрес“.
Покраинските власти објавија дека ги пронашле телата на тројца виетнамски државјани и спасиле десет лица, како и дека потрагата по исчезнатите сè уште е во тек.
Околу 30 бродови потонаа во заливот Ха Лонг минатата година откако беа погодени од тајфунот Јаги.
Заливот го посетуваат милиони луѓе секоја година и е една од најпопуларните туристички дестинации во Виетнам, позната по сино-зелената вода и варовничките острови со тропски шуми.