Европа
Реакции од светските лидери по историскиот договор помеѓу Русија и Украина за извоз на жито
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска изрази олеснување по потпишувањето на договорот за ставање крај на блокадата на украинскиот извоз на жито нарекувајќи го светилник на надеж за светот што се соочува со криза со храната, посредникот Турција го нарече историски, а Брисел, Г7 и Вашингтон повикаa на брза имплементација и најавија дека внимателно ќе го следат почитувањето на преземените обврски.
Договорот „го отвора патот за големи количини комерцијален извоз на храна од трите клучни украински пристаништа во Црното Море – Одеса, Черноморска и Јужни“, рече Гутереш во Истанбул.
„И да нема сомнеж – ова е договор за светот“, нагласи тој.
Испраќањето резерви жито и храна на светските пазари ќе помогне да се „премости глобалниот јаз во снабдувањето со храна“ и да се стабилизираат глобалните цени на храната, според генералниот секретар на ОН. „Тоа ќе им донесе олеснување на земјите во развој на работ на банкрот и најранливите луѓе на работ на глад“, рече Гутереш.
Ердоган: Блокираното жито набргу ќе биде подготвено за извоз
Блокираното жито набргу ќе биде подготвено за извоз, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Со почетокот на бродскиот сообраќај во наредните денови, ќе отвориме нов коридор од Црното Море кон другите земји во светот“, рече тој нарекувајќи го историски ден.
Шојгу: Русија нема да ја искористи ситуацијата
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, потписникот на договорот во име на Москва изјави дека Русија „ги презема своите обврски“ од договорот и нема да ја искористи ситуацијата.
„Нема да го искористиме тоа што пристаништата ќе бидат исчистени (од мини) и отворени. Ние ја презедовме оваа обврска“, посочи тој.
Мишел: Овој договор може да биде од корист за милиони
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го поздрави договорот.
„Овој договор може да биде од корист за милиони во светот“, напиша тој на „Твитер“.
„Строгото спроведување на договорот сега е од најголема важност за тоа да успее“, додаде тој.
ЕУ: Чекор во вистинската насока
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, го поздрави „истанбулскиот договор како чекор во вистинската насока“ кон деблокирање на извозот на украинското жито велејќи дека тоа е „клучна фаза во напорите да се надмине глобалната несигурност во храната предизвикана од руската агресија врз Украина“.
„Руската инвазија на Украина остави милиони луѓе во опасност од глад“, рече тој.
Што рекоа САД и Г7?
Г7 внимателно ќе го следи спроведувањето на договорот за Украина да не се изложи на „дополнителен ризик од напад од Русија“, изјави во петокот канадскиот премиер, Џастин Трудо.
„Г7 тесно соработува со партнери како Турција и други за да се осигураме дека можеме да го извадиме тоа жито од Украина и на места во светот каде што е потребно, без да ги загрозиме суверенитетот и заштитата на Украина“, рече канадскиот премиер.
САД ќе работат на тоа Русија да го почитува договорот, изјави американската амбасадорка во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд. САД исто така бараат Кина да престане да собира жито и да донира повеќе за да ги задоволи глобалните хуманитарни потреби, изјави за новинарите Џејмс О’Брајан, шеф на канцеларијата за координација на санкции на Стејт департментот.
Соединетите Американски Држави исто така сакаат Кина да престане да собира жито и да понуди повеќе за да ги задоволи потребите за глобална хуманитарна помош, изјави за новинарите Џејмс О’Брајан, шеф на Канцеларијата за координација на санкции на американскиот Стејт департмент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

