Европа
Рециклирањето во Шведска е толку напредно што на земјата ѝ фали отпад

Шведскиот систем за рециклирање на отпад е толку револуционерен што оваа земја веќе неколку години наназад увезува отпад за да го пополни капацитетот за рециклирање, пишува весникот „Индипендент“.
На депониите во Шведска седма година по ред завршува само еден процент од отпадот во земјата, а сè останато се рециклира.
Колку за споредба, целта на ЕУ е до 2020-та година да ги зголеми количините на рециклиран отпад до 50 проценти од вкупниот. Поради ваквата поставена цел, британската влада инвестира стотици милиони фунти во изградба на постројки за рециклирање и постројки за производство на енергија од согорениот отпад. Сепак, голем дел од отпадот се извезува во Шведска.
Иако Велика Британија во 2014 година достигна количини од 45 проценти на рециклиран отпад, многумина стравуваат дека ситуацијата ќе се влоши со излезот од ЕУ.
Шведскиот систем за рециклирање на отпадот е револуционизиран поради длабоко вкоренетата шведска култура на заштита на животната средина. Швеѓаните се исто така меѓу првите кои уште во 1991-ва година вовеле високи даноци на фосилните горива, а денес речиси половина од електричната енергија се црпи од обновливи извори.
„Швеѓаните сакаат да бидат во природа и се свесни дека нешто треба да се преземе во однос на прашањата за животната средина и природата“, вели Ана Карин Грипвал од Шведската асоцијација за управување со отпад и рециклирање.
Шведска има кохезивна национална политика за рециклирање. Поголем дел од увозот и согорувањето на отпадот се врши од страна на приватни компании, но енергијата создадена од согорувањето се канализира во национиот централизиран систем за греење. Системот е изграден токму заради искористување на отпадот.
„Во јужните делови на Европа, не ја експлоатираат топлината од согорувањето на отпад, таа едноставно излегува низ оџаци. Ние тука ја користиме како замена за фосилни горива“, вели Грипвал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на „Телеграм“ градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона Шхидни. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база не само за стоки туку и за опрема и персонал, со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата почна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.