Свет
Русите тврдат дека нивната вакцина „спутник“ штити од омикрон
Руската вакцина „спутник В“ обезбедува силна заштита од сериозни симптоми и хоспитализација поради варијантата омикрон, објави денеска Рускиот инвестициски фонд (РДИФ) повикувајќи се на прелиминарна студија на производителите на вакцини.
Употребата на руската вакцина „спутник лајт“ како засилувачка доза помага да се развие посилен одговор на антителата на варијантата омикрон, според студијата на Институтот „Гамалеја“.
Прелиминарните податоци на „Гамалеја“ сугерираат дека ефективноста на „спутник В“ во комбинација со засилувачот „спутник лајт“ против омикрон може да биде повеќе од 80 проценти.
РДИФ објави дека прелиминарната лабораториска студија на „Гамалеја“ покажала дека „спутник В“ покажува висока активност во неутрализација на вирусот против омикрон.
Руското Министерство за здравство ја препорачува „спутник Лајт“ како засилувачка доза шест месеци по вакцинацијата со „спутник В“.
Руската вакцина сè уште не е одобрена од Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови.
Експертите од двете агенции тврдеа дека вакцината не е одобрена поради некомплетна руска документација.
Портпаролот на Кремљ во вторникот изјави дека сите информации што ги бара СЗО досега не биле испратени во Женева поради недоразбирање.
„Навистина, има одредени информации што допрва треба да бидат доставени за сертификација“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за „Интерфакс“.
„Сè уште не сме го направиле тоа бидејќи разбравме поинаку за какви информации станува збор и како да ги пренесеме“, додаде тој.
Тоа признание е невообичаено бидејќи Русија досега тврдеше дека „спутник В“ сè уште не е одобрена од политички причини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

