Свет
Русија ги одликува пилотите што го соборија американскиот дрон над Црното Море

Државната руска новинска агенција РИА објави дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу им доделил државни награди на пилотите на авионот „су-27“, кој удри во американско беспилотно летало над Црното Море.
Наградата ја добија затоа што „спречија кршење на границите во областа на специјалната операција“.
Американската војска во вторникот објави дека руски борбен авион го погодил пропелерот на шпионскиот дрон, кој потоа се урна во Црното Море. Русија тврдеше дека тоа не е точно и дека авионот паднал поради „остри маневри“.
Стејт департментот го повика рускиот амбасадор Анатолиј Антонов за да ја изрази американската загриженост за инцидентот, прв од ваков вид од почетокот на војната во Украина пред повеќе од една година. Кремљ вчера објави дека по тој инцидент, односите со САД се на најниска точка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Важна е поддршката за Украина, но и одржувањето добри односи со САД, смета Шолц

Германскиот канцелар во заминување, Олаф Шолц, рече дека денешната средба е клучна за да се обезбеди континуирана поддршка за Украина, но ја истакна и важноста од одржување добри односи со САД.
Шолц, исто така, ги коментираше плановите на идниот канцелар Фридрих Мерц за зголемување на трошоците за одбраната, „вклучувајќи ги и уставните промени“, додавајќи дека политичкиот консензус за ова прашање се чини дека расте во Германија.
Тој истакна дека ЕУ треба да ги приспособи своите правила на сличен начин за да одговори на новите безбедносни предизвици, а истовремено да внимава на долгорочните решенија.
Запрашан за предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за нуклеарно одвраќање, Шолц рече дека Европа не смее да се откаже од вклученоста на САД. Неговата долгогодишна загриженост за ова прашање се однесува на стравот дека проширувањето на француската нуклеарна програма може дополнително да го поттикне американското повлекување од европската безбедносна архитектура.
Шолц повторно ја отфрли идејата за заедничките европски одбранбени обврзници.
Запрашан за можните мировни преговори, тој нагласи: „Многу е важно да се осигураме дека Украина не мора да прифати наметнат мир, туку да добиеме фер и праведен мир кој го гарантира суверенитетот и независноста на Украина“.
Свет
Трамп планира да депортира 240.000 Украинци

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира да го отповика привремениот правен статус на 240.000 Украинци што избегаа во САД пред војната против Русија, изјави висок функционер на Трамп и тројца извори запознаени со ова прашање, што значи дека тие би можеле да бидат депортирани по забрзана постапка. Одлуката се очекува во април, а се работеше на тоа дури и пред Трамп јавно да се судри со украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела.
Тоа е дел од пошироките напори на администрацијата на Трамп да го отповика правниот статус на повеќе од 1,8 милион мигранти што влегле во Соединетите Американски Држави според хуманитарните програми на администрацијата на Бајден за условно ослободување, велат изворите. Од американското Министерство за домашна безбедност немаа коментар, ниту Белата куќа или украинската амбасада.
Администрацијата на Трамп планира да ги прекине овие програми, кои се однесуваат и на 530.000 имигранти од Куба, Хаити, Никарагва и од Венецуела веќе овој месец, изјави функционер на Трамп и извор запознаен со ова прашање. Мигрантите би можеле да бидат депортирани по забрзана постапка, се вели во е-поштата на американската служба за имиграција и царина до која дојде „Ројтерс“.
Свет
Конечно, по ѓаволите, време е Европа да каже дека е подготвена финансиски да ја поддржи Украина, рече претседателката на Европскиот парламент

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, рече дека е време Европската Унија да покаже оти може да застане на свои нозе и да ја поддржи Украина.
„Конечно, по ѓаволите, време е европските лидери да испратат јасна порака дека се подготвени да останат на своите зборови и финансиски да ја поддржат Украина. Ова долго време го бараме: Европската унија, Европа да покаже дека може да застане на свои нозе. Затоа постојано велиме – мораме да се засилиме. Мораме да бидеме подготвени. Мора да произведуваме и мора да се заштитиме. Тоа го очекуваат нашите граѓани од нас“, рече таа.
Во Брисел во моментот се одржува состанок на Европската Унија со Украина откако САД ја прекинаа воената поддршка за Киев, на што ЕУ бурно реагира.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претходно денес објави дека Европа се соочува со директна и сериозна закана нагласувајќи ја важноста од зголемување на трошоците за одбрана на континентот.
„Мораме да бидеме способни да се браниме и да ја обезбедиме позицијата на сила на Украина“, рече таа.