Европа
Русија се закани со одмазда за протерувањето на нејзините дипломати низ светот
Руската влада се закани со одмазда за досега најголемите масовни протерувања на руски дипломати во историјата, откако повеќе од 20 држави ја поддржаа акцијата на Велика Британија во врска со труењето на поранешниот руски шпион во Салсбери.
Портпаролот на Кремељ, Дмитри Песков, изјавил дека владата длабоко жали за одлуката на САД за протерување на нивните дипломати и ќе ја анализира ситуацијата пред да донесе предлог за одмазднички активности кој треба да го одобри рускиот претседател, Владимир Путин.
„Ние веќе изјавивме и потврдивме дека Русија никогаш немала врска со скандалот со труењето на рускиот шпион. Ќе се водиме со принципот на реципроцитет како и претходно“, нагласи Песков.
САД вчера најавија протерување на 60 руски дипломати и затворање на конзулатот во Сиетел, што е најцврстиот дипломатски потег на американскиот претседател, Доналд Трамп, против Москва откако ја презеде функцијата во 2017 година, пренесува Си-ен-ен.
Песков изјави за „Тас“ дека Министерството за надворешни работи ќе преземе можни одмазнички мерки кои ги разгледува претседателот Владимир Путин нагласувајќи дека секоја конечна одлука лежи кај рускиот лидер.
Како одговор на најновото протерување на дипломатите, претставникот на Обединетите нации во Русија, Василиј Небензиа, ги обвини САД за злоупотреба на своите права и обврски како домаќин на Генералното собрание на ОН. Небензиа вели дека протерувањето на дипломати од страна на САД ќе ги попречи напорите на Москва во меѓународното тело.
Канада, Украина и земјите членки на Европската Унија вчера им се приклучија на САД во протерувањето на повеќе од 100 руски дипломати.
Британскиот премиер, Тереза Мај, реакцијата низ светот ја нарече најголемото колективно протерување руски разузнавачи во историјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.