Свет
Руските истражители ги испрашуваат семејствата на осомничените за терористичкиот напад во Москва: Русите итно отпатувале во Таџикистан

Руските истражители во Таџикистан ги испрашуваат семејствата на осомничените за нападот во концертната сала „Крокус сити хол“ во близина на Москва, во кој загинаа 139 лица, изјавија за „Ројтерс“ три таџикистански безбедносни извори.
Изворите, кои не беа овластени да зборуваат јавно, рекоа дека таџикистанските безбедносни службеници ги донеле семејствата на осомничените во Душанбе од разни делови на централноазиската земја.
На четворицата осомничени за нападот во Москва – Далерјон Мирзоев, Саидакрами Рачабализода, Шамсудин Фаридуни и Мухамедсобир Фаизов – рускиот суд им одреди притвор до 22 мај.
Руските медиуми претходно објавија дека сите четворица се државјани на Таџикистан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Г7: Ќе ги таргетираме оние кои ќе продолжат да купуваат руска нафта

Министрите за финансии на Г7 изјавија дека ќе преземат заеднички чекори за зголемување на притисокот врз Русија, таргетирајќи ги земјите кои продолжуваат да купуваат руска нафта.
Министрите за финансии ја нагласија важноста на трговските мерки, вклучувајќи тарифи и забрани за увоз и извоз, за намалување на руските приходи поради агресијата врз Украина. Заедничката изјава следеше по видеоконференцијата.
САД претходно ги повикаа сојузниците во НАТО да воведат тарифи за земјите кои купуваат руска нафта, како што се Индија и Кина. Додека американскиот претседател Доналд Трамп се воздржа од воведување дополнителни тарифи за Кина, неговата администрација го нападна Њу Делхи со нови тарифи за увоз од Индија.
Членовите на Г7 (САД, Канада, Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија и Јапонија) не ги именуваа Кина или Индија во својата изјава.
„Ќе ги таргетираме оние кои продолжуваат, директно или индиректно, да купуваат руска нафта дури и по инвазијата на Украина“, се вели во соопштението.
„Ќе преземеме конкретни чекори за значително да го намалиме преостанатиот увоз од Русија, вклучително и увозот на јаглеводороди“, се додава во соопштението.
Министрите за надворешни работи на Г7, исто така, рекоа дека сериозно разгледуваат трговски мерки и други ограничувања за државите кои помагаат во финансирањето на воените напори на Русија. Во соопштението не е наведена ниту една земја.
Свет
Белата куќа: Се водат чувствителни разговори за предлогот на Трамп за прекин на војната во Газа

Белата куќа денес објави дека се водат „чувствителни дискусии“ за предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Појасот Газа.
„Можам да ви кажам дека се водат некои многу чувствителни разговори, но секако не сакам да ги превенирам најавите од оваа говорница. Ќе им препуштам на специјалниот пратеник (Стивен) Виткоф и на претседателот на Соединетите Американски Држави да се справат со тоа“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на редовниот брифинг за медиумите, објави Ројтерс.
Висок функционер на Хамас изјави за Би-Би-Си дека палестинската група веројатно ќе го отфрли мировниот план на американскиот претседател, тврдејќи дека тој „им служи на интересите на Израел“ и „ги игнорира интересите на палестинскиот народ“.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп го потпиша указот за американски безбедносни гаранции за Катар

Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која САД се обврзуваат да ја гарантираат безбедноста на Катар, што претставува значајна нова обврска кон клучен арапски сојузник кој не е член на НАТО, пишува CNN.
„САД ќе го сметаат секој вооружен напад врз територијата, суверенитетот или критичната инфраструктура на Државата Катар за закана за мирот и безбедноста на САД“, се вели во наредбата потпишана во понеделник.
Оваа одлука доаѓа во време кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за време на посетата на Белата куќа, му се извини по телефон на катарскиот премиер за израелскиот напад врз Доха минатиот месец. Потоа, Трамп, во заеднички настап со Нетанјаху, го претстави својот план од 20 точки за мир во Газа.
„Во случај на таков напад, САД ќе ги преземат сите законски и соодветни мерки – вклучувајќи дипломатски, економски и, доколку е потребно, воени – за да ги одбранат интересите на САД и Државата Катар и да го вратат мирот и стабилноста“, се вели во документот, според медиумот.
Фото: принтскрин