Регион
Рускиот опозиционер предупредува: Путин преку Србија ќе го дестабилизира Балканот

Рускиот опозиционер Михаил Ходорковски вели дека рускиот претседател Владимир Путин ќе се обиде да го дестабилизира Балканот преку Србија.
Според него, тој сака да им го отежне животот на Европејците, а како што додава, Русија има големо влијание врз Австрија.
На прашањето дали тоа би го направил преку Србија, тој одговори со „секако“.
„За среќа, Русите се идиоти. Тие го пробаа тоа во Црна Гора и ја оттурнаа таа земја од нив, го загубија своето влијание. Но, не можете секогаш да сметате на фактот дека тие секогаш ќе бидат идиоти. По санкциите, влијанието на Русија стана помало. На пример, во Германија. Но, десничарските партии се природни партнери на Путин. Тој го знае тоа. И бидејќи гласачите на радикалната десница обично го поддржуваат Путин, тие не ја губат поддршката ако Путин почне војна. Ова треба внимателно да се следи“, објаснува Ходорковски за виенскиот дневен весник „Стандард“.
Тој посочи и дека Русија има огромно влијание и во Австрија.
„Со оглед на бројот на професионални убијци на спиење, на Путин му е многу полесно да убие некого во Австрија отколку во која било друга европска земја“, објасни тој.
Токму затоа, нагласува тој, бугарскиот новинар Христо Грозев неодамна ја напушти Виена поради безбедносни причини.
„Влијанието на Путин во Австрија е огромно, а тоа го покажуваат резултатите од мојот центар ‘Досие’, кој го истражува неговото незаконско влијание врз другите земји. Не знам колку Австрија ќе сака повторно да игра улога како за време на студената војна, кога Виена, така да се каже, беше центар на разузнавачка интеракција кога беше место за заобиколување на санкциите. Поради интеграцијата на Европа денес, не сум сигурен колку другите земји би биле среќни доколку Австрија ја преземе таа улога“, нагласи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Во Бугарија и Романија на сила црвен метео аларм поради обилни дождови

Во Бугарија и Романија на сила е црвен метео аларм поради обилни дождови. Обилните дождови продолжија да ја погодуваат Бугарија, што доведе до затворање на патишта, прогласување црвен метео аларм во неколку области, а 51 населено место останаа без електрична енергија поради бурата. Надлежните органи го интензивираат надзорот над сите мостови и инфраструктура што е потенцијално оштетена од поплавите, пишува денес „Новините“. Службениците предупредија дека секоја локација што е изложена на ризик ќе биде веднаш затворена.
Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни, да избегнуваат патувања и да ги следат упатствата на надлежните служби. Бугарскиот национален институт за метеорологија и хидрологија прогласи црвен метео аларм, највисоко ниво на предупредување, за осум области каде што се очекуваат повеќе од 65 литри дожд на квадратен метар, пренесува Танјуг.
Во исто време, властите објавија дека Бугарија ќе побара помош од Европскиот фонд за солидарност за погодените места поради предизвиканите штети.
Метеоролозите во Романија денес го продолжија црвениот временски аларм поради предвидените обилни врнежи од дожд за пет области и градот Букурешт со можност за врнежи до 140 литри на квадратен метар.
Според најновото предупредување на Романската национална метеоролошка управа (ANM), од 21 часот на 7 октомври до 15 часот на 8 октомври се очекуваат обилни врнежи од дожд во неколку области, пишува романската новинска агенција Аѓерпрес.
Фото: принтскрин
Регион
Убиен судија на Апелациониот суд, во судница во Тирана

Судијата Астрит Каљаја беше убиен денес во Апелациониот суд во Тирана додека траеше рочиштето.
Напаѓачот, засега непознат, влегол во судницата и го застрелал Каљаја, кој бил однесен во болница каде што му била пружена медицинска помош, објавува „Албанија пост“.
На местото на настанот, според медиумот, има бројни полициски сили, кои веднаш го уапсиле осомничениот сторител, а како што се наведува, идентитетот на напаѓачот и мотивите на нападот засега се непознати.
Судијата Астрит Каљаја служел со години во албанскиот судски систем, а неодамна во Апелациониот суд во Скадар.
Тој го поминал процесот на верификација во 2019 година, каде што бил потврден на функцијата од Независната квалификациска комисија, а потоа и од Специјалниот жалбен панел во 2022 година.
Фото: принтскрин
Регион
Пронајдени се телата на браќата од Хрватска во словенечките Алпи

Словенечките планински спасувачи ја продолжија својата акција утрово под врвот Тошќ, во Јулиските Алпи, каде што вчера лавина затрупа тројца хрватски планинари.
Исчезнатите лица, по кои се трагаше од вчера, за жал се пронајдени мртви, објавува словенечки 24ur. Како што неофицијално дознава словенечкиот медиум, двајца од нив биле браќа.
„Ги пронајдовме двајцата – едниот беше закопан околу еден метар во снегот, а другиот околу метар и пол. Првиот успеавме да го транспортираме во долината со хеликоптер, додека сè уште чекаме транспорт за вториот. Самиот терен е многу тежок бидејќи е карпеста, стрмна клисура со бројни карпести скокови, што ја направи работата опасна и тешка за спасувачите. За жал, ќе кажам дека сите тројца планинари што ги пронајдовме во лавината починаа. Им изразувам искрено сочувство на нивните семејства“, рече тој.