Свет
САД добиле разузнавачка дојава за можен напад врз своите војници во Германија
Списанието „Њузвик“ цитира неименуван извор во неделата дека САД добиле разузнавачки информации за можен напад врз американските трупи стационирани во Германија.
Информациите од трети лица, кои наводно биле примени од 66. американска воена разузнавачка бригада, конкретно ги посочиле војниците сместени во „Тауер баракс“ во Графенвор или во „Тауер баракс“ во Дулмен како потенцијални цели.
„Изворот на информации посочи дека нападот ќе го изврши непознат јордански екстремист, кој се наоѓа во Германија во близина на непозната воена база. Непознатиот Јорданец е опишан како лојален на јорданското кралче и неодамна се залагал за убиство на американски војници во Германија“, се тврди во извештајот од разузнавачите.
„Њузвик“ во овој контекст објасни дека критичарите понекогаш го користат зборот кралче како навредлив термин за јорданскиот крал Абдула Втори, кој претходно сигнализира поддршка за воените операции на САД во регионот.
Во 2016 година јорданскиот помлад водник Марик ал-Тувеха уби тројца војници од специјалните сили на американската армија пред базата Ал-Џaфр во јужен Јордан. Тој тврдеше дека не е виновен, но беше осуден на доживотен затвор.
Списанието го цитира и портпаролот на американската армија во Европа, кој потврдил дека синоќа била истражувана и утврдена потенцијална закана.
„Беа консултирани германските и американските власти и не беше утврдена непосредна закана. Би сакале да ги потсетиме сите да останат внимателни и да бидат свесни за своето опкружување“, предупреди портпаролот.
Посебно јавно предупредување беше издадено од американскиот гарнизон „Баварија“ на неговата официјална страница на „Фејсбук“ во врска со зголемените мерки за заштита што се во сила во касарните „Тауер баракс“ и „Роуз баракс“.
Со речиси 38.600 американски војници распоредени во објекти во цела Германија земјата е домаќин на повеќе американски војници од која било друга европска нација. Минатата година американскиот амбасадор во Германија, Ричард Гренел, го критикува Берлин за неисполнување на целта на НАТО за трошење 2 отсто од БДП за своите воени сили.
Тој ја пофали идејата на американскиот претседател, Доналд Трамп, повторно да ги распореди војниците од Германија во Полска и инсистира дека е време Берлин да плати за својата одбрана.
Иако Германија објави дека планира да ги зголеми воените трошоци до 1,35 отсто во 2019 година и се надева дека ќе го зголеми уделот до 1,5 отсто до 2023 година, сепак не планира да ја постигне целта од 2 отсто поставена од членките на НАТО во 2014 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.
Свет
Мигранти плаќале 18.000 евра за превоз преку Ла Манш, биле сексуално експлоатирани
Виетнамска криминална мрежа беше пресечена со акција на полициите на Франција и Англија, со поддршка на Европол.
Оваа група шверцувала мигранти преку Ла Манш и организирала нивна сексуална и трудова експлоатација како и перење пари.
Главниот организатор, идентификуван како десна рака на водачот на оваа банда, го организирал шверцот, додека друг нивни соучесник бил задолжен за собирање пари и организирање на транспортот на мигрантите, кои плаќале од 15.000 до 18.000 евра за превоз преку каналот , соопшти Европол.
На пат од Полска за Франција, некои од мигрантите шверцувале метамфетамин во парискиот регион, снабдувајќи ги азиските групи за шверц на дрога со седиште во областа во замена за намалена цена на патувањето.
Уапсени се 16 членови на оваа група и одземени се разновидна луксузна стока, 100.000 евра во кеш и уште 298.000 евра на банкарски сметки.