Европа
Самит на НАТО во Брисел

Во Брисел денеска се одржува самит на членките на НАТО поради украинската криза. Американскиот претседател Џозеф Бајден ќе се сретне со европските колеги, за да се договори, меѓу другото, зајакнувањето на силите на источното крило на НАТО, со распоредување на четири нови борбени трупи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка.
Со веќе постоечките борбени единици во Полска и балтичките земји, ова ќе направи вкупно осум мултинационални групи на НАТО на североистокот на алијансата. Лидерите на НАТО, исто така, се очекува да се осврнат на безбедноста на Молдавија и БиХ, за кои се верува дека се загрозени од руското поткопување.
Се очекува и НАТО да ја повика Белорусија да стави крај на соучесништвото во војната во Украина.
Пред денешниот самит на лидерите на НАТО во Брисел, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупреди на однесувањето на Кина во светлината на руската инвазија на Украина и рече дека лидерите на НАТО ќе го повикаат Пекинг да се воздржи од поддршката на руските воени активности како членка на Советот за безбедност на ОН и да му се придружи на остатокот од светот во повикот за моментален мирен крај на војната.
Столтенберг забележа дека одлуките донесени утре од лидерите на НАТО ќе имаат долгорочни импликации со цел да се зајакне безбедноста, што ќе бара значителни трошоци за одбраната.
„ Очекувам сојузниците да одлучат да ги удвојат своите распределби. Имаме нова ситуација кога гледаме дека не можеме да го земеме мирот здраво за готово“, рече Столтенберг.
Тој го повтори фактот дека Европа и Северна Америка се обединети во спротивставувањето на руската агресија, поддршката на Украина и заштитата на сите сојузници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин