Свет
Северна Кореја гради големо складиште за нуклеарни ракети
Северна Кореја гради огромно складиште според новата серија сателитски слики што заеднички ги анализираа Центарот за стратешки и меѓународни студии со седиште во Вашингтон и „Џејнс интелиџенс ривју“.
Новата база во непосредна близина на главниот аеродром во Пјонгјанг, наводно се состои од подземни складишта и хангари доволно високи за во нив да се смести интерконтиненталната балистичка ракета (ИЦБМ) „Хвасонг-15“ во исправена положба за тестирање и одржување. Исто така, во нив може да се смести мобилниот „транспортер-исправувач-фрлач“ (ТЕЛ) на кој може незабележително да се носат низ целата земја и да се избегне уништување пред лансирањето.
Објектот располага со сопствен железнички терминал со скриена област за утовар за да се спречи опремата што влегува и излегува да биде откриена од шпионски сателити.
Според Џозеф Бермудез, автор на извештајот, структурата наречена „Сил-ли објект за поддршка на балистички ракети“ може да ги смести во себе сите познати и очекувани балистички ракети на Северна Кореја и нивните лансери за одржување, складирање на балистичките ракети и нивните транспортери или каква за било комбинација на овие функции.
Се верува дека подземното складиште е изградено во ’80-тите години на минатиот век како засолниште од напади за борбените авиони кои требало да го заштитат Пјонгјанг во случај на војна. Авионите подоцна биле преместени на друго место и складот излегол од употреба.
Одделно има 17 бази за противвоздушна одбрана и касарна – во радиус од пет километри од базата, која, наводно, е заштитена со ракети земја-воздух.
„Иако прецизната функција на објектот е нејасна, неговата конфигурација и големината на зградите и на подземниот објект укажуваат дека може да се користи за склопување балистички ракети од компоненти испорачани со железница од околните фабрики“, се вели во извештајот.
„Хвасонг-15“ беше тестиран во ноември 2017 година и оттогаш стана обележје на нуклеарните аспирации на земјата. Во тоа време, во државните медиуми се славеше како нов вид систем за интерконтинентално балистичко ракетно оружје кој може да носи супертешки нуклеарни боеви глави и да го нападне целото копно на САД.
Сепак, лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, почна процес на приближување со САД што досега резултираше во три значајни средби со претседателот Доналд Трамп. На пример, пред нивниот прв самит во Сингапур тој се согласи да ги прекине нуклеарните тестирања и тестирањата на ИЦБМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

