Свет
Северна Кореја изведе нуклеарни вежби: ова е предупредување до непријателот
Војската на Северна Кореја изведе нуклеарни воени вежби симулирајќи нуклеарен контранапад на САД и Јужна Кореја.
Вежбите ги надгледуваше севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, како и ќерка му, пренесува „Ројтерс“.
Агенцијата соопшти дека вежбите вклучувале лансирање ракети со краток дострел, но дека е невообичаено што еден од проектилите бил истрелан од затрупан силос, што може да помогне да се зголемат брзината и стабилноста во идните интерконтинентални балистички ракети (ICBM). Севернокорејската државна новинска агенција КЦНА објави дека вежбите биле дизајнирани да ја зајакнат „воената способност за одвраќање и нуклеарниот контранапад“ тврдејќи дека Вашингтон и Сеул прават „експлицитен обид да почнат војна“ против Северна Кореја.
„Вежбата имаше цел да ја покаже нашата цврста волја да дадеме вистински воен одговор и да испратиме предупредување до непријателот, кој ги проширува своите агресивни воени вежби“, објави КЦНА.
Агенцијата додава дека за време на вежбите балистичка ракета опремена со лажна нуклеарна бојна глава прелетала 800 километри пред да ја погоди целта според сценарио на тактички нуклеарен напад.
Севернокорејскиот претседател Ким Џонг-ун рече дека вежбите ги подобриле воените способности на војската на земјата и ја повика војската да биде подготвена за каков било „непосреден и огромен нуклеарен контранапад во секое време“.
„Сегашната ситуација, во која непријателите стануваат сè поизразени во своите потези за агресија против Демократска Народна Република Кореја, итно бара од нас експоненцијално да го зголемиме одвраќањето од нуклеарна војна“, рече тој.
Претходно овој месец, Јужна Кореја и САД спроведоа заеднички воздушни и поморски воени вежби, во кои беа вклучени американски бомбардери „Б-1“, а минатиот месец одржаа вежби со симулација на нуклеарен напад од Северна Кореја.
КЦНА објави дека повеќе од 1,4 милион севернокорејски граѓани доброволно се пријавиле да се приклучат на војската или повторно да се пријават во случај да биде потребно за борба против Сеул и Вашингтон откако претходно пријавиле 800.000 доброволци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД распоредуваат војска близу Венецуела по прогласувањето на Мадуро за терорист
Администрацијата на Доналд Трамп би можела да добие проширени овластувања кон Венецуела откако САД го прогласија претседателот Николас Мадуро и неговите сојузници дел од странска терористичка организација „Cartel de los Soles“, пренесе CNN. Ова овозможува дополнителни санкции, но не и автоматско одобрување за употреба на смртоносна сила.
Американски претставници тврдат дека одлуката им дава пошироки воени опции во рамки на операцијата „Јужно копје“, во која во регионот се распоредени повеќе од десетина воени бродови и околу 15.000 војници.
Трамп добил различни предлози за дејствување, вклучувајќи удари врз воени или државни цели во Венецуела, но и опциja да не се интервенира. Во меѓувреме, високи воени претставници го посетија Порторико како поддршка на мисиите на Карибите.
Анкета на CBS News/YouGov покажува дека 70% од Американците се против воена акција во Венецуела. Според американски официјален претставник, Трамп се надева дека притисокот ќе го натера Мадуро да се повлече без директна интервенција.
Како знак на зголемени тензии, САД изведоа најголема воздушна демонстрација во близина на Венецуела, а три авиокомпании откажаа летови по предупредување на FAA за „потенцијално опасна ситуација“ над земјата.
Свет
Украинската амбасада: Нема планови за посетата на Зеленски на САД
Украинската амбасада во Вашингтон соопшти за „Kyiv Independent“ дека засега нема планови за посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на САД, но дека ниту една опција не е исклучена.
Одговорот следи по извештаите во американските медиуми дека Зеленски би можел да отпатува во САД оваа недела за разговори со американскиот претседател Доналд Трамп за мировните напори.
Според наведените извештаи, Зеленски и Трамп требало да разговараат за чувствителните делови од мировниот план поддржан од САД, кој предизвика негативни реакции поради условите што се смета дека ѝ одат во прилог на Русија.
Првичниот документ од 28 точки е намален на 19 точки по вчерашните консултации меѓу украинските и американските претставници во Женева.
Регион
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на клучни лекови
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на инсулини, инсулински аналози и група антибиотици до 23 јануари наредната година, според налог на министерот за здравство Силвио Кирилов. Министерството соопшти дека забраната повторно се продолжува поради проблеми со снабдувањето, пријавени недостатоци и одбивања од веледрогерии.
Како причини се наведуваат неправилности и доцнења во испораките, како и намалени количини нарачани лекови. Забраната ги опфаќа инсулините и нивните аналози, SGLT2-инхибиторите и лековите на база семаглутид, како и антибиотиците на база азитромицин. Забранет е и извозот на месалазин.
Забраната за извоз на инсулини првпат беше воведена во ноември 2023, а потоа повеќепати продолжувана.

