Свет
Северна Кореја издаде предупредување за екстремен студ: се очекуваат минус 30 степени во најсиромашниот дел од земјата
Температурите во Северна Кореја, најверојатно, ќе се спуштат под -30 Целзиусови степени во северните региони, што е и најсиромашниот дел од земјата, соопшти државното радио. Се очекува и крајбрежните области да имаат силен ветер, јавуваат државните медиуми.
Јужна Кореја исто така издаде предупредување за студен бран, а северна Кина бележи рекордно ниски температури, јавува Би-би-си.
Додека Северна Кореја е погодена од екстремни или неповолни временски услови како и другите места, малку се знае за влијанието на екстремно ниските температури врз населението. Рајанганг, Северен Хамгјонг и Јужен Хамгјонг, најсиромашните провинции во земјата и оние што се очекува да бидат најчувствителни на климатски шокови, се наоѓаат на север.
Електричната енергија е невообичаена надвор од главниот град Пјонгјанг, а домаќинствата во овие области наводно горат дрва и билки за греење во текот на зимата. За многумина се вели дека користат пластична фолија околу нивните врати и прозорци за изолација.
Радио Слободна Азија во декември објави дека голем број луѓе во земјата исчезнале кон крајот на минатата година за време на уште еден екстремен студен бран – се смета дека многумина или умреле од глад или замрзнале бидејќи живата паднала под нулата и имало и недостиг на храна.
Се смета дека недостигот на храна во Северна Кореја е најлош по раширениот глад во 90-тите, рече Лукас Ренгифо-Келер, аналитичар во Институтот за меѓународна економија, Петерсон, во САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хезболах истрела 150 ракети кон Израел
Низ Израел се огласија сирените, по што следеа неколку ракетни напади од правец на Либан, во кои беа ранети неколку лица, соопшти израелската армија.
Проиранската милиција Хезболах истрела приближно 150 ракети, принудувајќи ги цивилите во засолништата во централниот и северниот дел на Израел, вклучувајќи го и Тел Авив.
Војската објави дека за само неколку минути биле истрелани околу 30 проектили кон крајбрежниот град Хаифа и западната Галилеја, но некои од нив биле пресретнати. Во нападите наводно биле ранети неколку лица.
Нападите се случија еден ден по израелскиот воздушен напад врз Бејрут, според либанските власти, во кој загинаа најмалку 20 лица.
Регион
Трагедија на забава, еден загинат откако рачна бомба експлодирала во раката на 25-годишно момче во Хрватска
Забава во подрум во Книн во Хрватска завршила со експлозија на рачна граната. Загина 25-годишен маж, а тешко се повредени двајца млади на возраст од 25 и 23 години, една девојка на 21 година и еден малолетник.
Полицијата во саботата во 23 часот добила дојава дека ескплодирала непозната експлозивна направа. По увидот било утврдено дека се работи за рачна граната М-75.
„Од спроведените увиди е откриено дека повредениот 25-годишник од спалната соба од станот што го користел за време на забавата донел рачна бомба М-75 и ја предал на друг 25-годишник. Поради нестручно ракување дошло до несакано активирање на рачна бомба во раката на починатиот 25-годишник“, се вели во полициското соопштение.
Полициски службеници ја продолжуваат кривичната истрага за утврдување на околностите за набавката и поседувањето на споменатата минска експлозивна направа.
Европа
Снежната бура остави без струја околу 33.000 домаќинства во Франција
Околу 33.000 домаќинства останаа без струја вчера во Франција, главно во Нормандија и долж реката Лоара на запад, поради бурата Каетано што го зафати регионот, соопшти компанијата „Енедис“, која управува со електричната мрежа.
„Во 13 часот 33.000 домаќинства останаа без струја“, соопшти мрежата, додавајќи дека најпогодени домаќинства се во Нормандија (15.000 домаќинства) и околу реката Лоара (12.000 домаќинства).
Невремето предизвика прекини на многу сообраќајни правци, а влијаеше и на железничкиот сообраќај.
Мобилизирани се 2.200 техничари за да ги отстранат нарушувањата и да обезбедат електрична енергија, по налетот на бурата што предизвика врнежи од снег и брзина на ветер до 130 километри на час.