Свет
Сенатот го направи првиот чекор кон укинувањето на Обамакер
Американскиот Сенат во четвртокот го презема првиот конкретен чекор кон укинувањето на законот на претседателот на заминување Барак Обама за достапно здравствено осигурување познат како „Обамакер“, изгласувајќи резолуција со којашто ресорните парламентарни комисии се упатуваат на изработка на законска рамка за поништување на клучната здравствена реформа.
Сенатот одлуката ја изгласа со 51 гласа „за“ и 48 „против“. Се очекува дека оваа седмица истата одлука ќе ја донесе Претставничкиот дом. Укинувањето на Обамакер е приоритет за републиканското мнозинство во двата дома на Конгресот и избраниот претседател Доналд Трамп.
Републиканците досега неколкупати покренуваа правни и законодавни иницијативи за да го урнат овој закон, но сега првпат ќе бидат во можност за тоа бидејќи истовремено имаат мнозинство во двата дома на Конгресот и свој претседател во Белата куќа.
Републиканците велат дека процесот на укинување на Обамакер би можел да потрае со месеци, а изработката на програмата што би ја заменила програмата и подолго, но се под притисок на Доналд Трамп кој веќе со седмици зборува, а го повтори и на првата прес-конференција откако беше избран во средата во Њујорк, дејка во процесот на демонтирање на Обамакер мора да се тргне веднаш. Во Републиканската партија, меѓутоа, има и загриженост дека не е умно да се укинува Обамакер без подготвена алтернатива.
Одлуката усвоена во Сенатот во четвртокот на ресорните комисии им дава рок до 27-ми јануари за изработка на нацрт-закон кој ќе го поништи Обамакер. Притоа имаат намера да ги користат специјалните буџетски процедури со кои им се овозможува да ги отфрлат реформите на Обама со просто мнозинство, што значи дека не им се потребни гласовите на демократите. Во Сенатот републиканците имаат 52 пратеници од 100, а еден –сенаторот Ренд Пол гласаше против партиското мнозинство.
Демократите, пак, најавија дека ќе се борат против тоа со сето она што им е на располагање. „Сакаат да го убијат Обамакер, а истовремено немаат поим каква алтернатива на понудата“, изјави демократскиот сенатор Берни Сандерс.
Што е Обамакер?
Законот за заштитата на пациентите и пристапната нега (АСА), како што официјално се нарекува законот, е усвоен во 2010 година за значително намалување на бројот на неосигурените Американци и истовремено да го забави рапиден раст за потрошувачката во здравство. Неговото усвојување имаше драматично влијание врз американскиот здравствен систем.
Обамакер не е јавна програма за здравствено осигурување. Тоа е законската рамка којашто на приватните осигурители им наметна обврски со намера подобро да се регулира пазарот и ширењето на услугите кои се покриваат со осигурувањето.
Во САД постојат само две јавно здравствен осигурувања на сојузно ниво: Медикејд, наменет за сиромашните семејства и поединци, и Медикер, за оние кои се повозрасни од 65 години. Повеќето американци се осигурени се во приватниот сектор, најчесто преку работодавачите.
Според Обамакер, осигурителните куќи не смеат да ги одредуваат премиите за осигурувањето врз основа на историјата на болестите или полот, како што работеле претходно. Не смеат ниту да одбијат да осигурат пациенти кои се „прескапи“ или да наметната годишно финансиско ограничување на здравствените услуги, што е практика која некои тешко болни Американци ги довела до питачки стап.
Обамакер, исто така, бара осигурителот да ги плати трошоците за болничко лекување, посети на итна помош или некои превентивни прегледи, како тестирања на дијабетес или вакцинација.
За возврат, законот Обамакер бара сите Американци да бидат осигурени или да платат казна. За 2017 година казната изнесува 695 долари за возрасни лица.
Бидејќи неколку милиони луѓе повеќе придонесуваат на здравствениот систем, велат поборниците на Обамакер, премиите кои ги плаќаат здравите Американци ги намалуваат трошоците на лекувањето на најболните.
Републиканците, пак, велат дека присилното учество во системот ги крши основните слободи гарантирани во уставот на САД и остро го осудуваат.
За лицата за коишто работодавачот не плаќа осигурување, администрацијата на Обама воспостави интернет „пазар“ на кој поединците може да се пријават за ACA приватниот осигурител. Тој, пак, за возврат зависно од приходот на тоа лица, има право на даночни олеснувања што ја намалува цената на премијата.
Проблемот е во тоа што сé помалку осигурители учествуваат на тие „пазари“, бидејќи се покажа дека им се помалку профитабилни од очекуваното. Резултат на тоа е што премиите постојано поскапуваат, а за републиканците тоа е доказот дека реформата пропаднала.
Откако Обамакер законот стапи на сила, здравствениот систем се проширил на 20 милиони нови осигуреници, тврди администрацијата на заминува, а бројот на лица без осигурување паднал од 16 отсто во 2009 на 8,9 отсто во минатата 2016 година, што е најниското ниво во историјата. Демократската администрација, исто така, истакнува дека расот на трошоците во здравствениот сектор никогаш не бил побавен./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

