Европа
Се зголемува стравот за нуклеарната централа: работниците 13 дена се заробени во „Чернобил“
Повеќе од 100 работници веќе 13 дена се заробени во „Чернобил“, односно во нуклеарната централа, која е местото на најголемата нуклеарна катастрофа во светот. Првиот ден беше окупирана од руските сили и оттогаш работниците не може да си заминат.
Заедно со нив има и 200 украински чувари што се грижеле за безбедноста во моментот на рускиот напад. Тие исто така не може да одат никаде, пишува Би-би-си.
Работниците продолжуваат со работа и атмосферата во моментот е мирна, но Би-би-си пишува дека условите се ужасно тешки, а количината храна и лекови е ограничена. Исто така, постојат стравувања дека зголеменото ниво на стрес може да влијае на тоа колку добро и безбедно работниците може да си ја вршат својата работа во нуклеарната централа.
Руските војници влегоа во забранетата зона и ја опколија нуклеарната централа, а украинската страна потврди дека целосно ја презеле контролата.
Роднина на еден од вработените изјави за Би-би-си дека Русите дозволуваат смените да се менуваат, но им кажуваат на работниците дека не може да им гарантираат безбеден пат до дома, ниту начин на работа за оние што дошле да ги заменат.
Иако „Чернобил“ повеќе не е функционална работна единица, оваа нуклеарна централа никогаш не била целосно напуштена и бара постојан мониторинг. По нуклеарната катастрофа што се случи пред 36 години, други реактори продолжија да работат уште неколку години, а цел град беше изграден за да се сместат работниците, кои беа евакуирани по експлозијата.
Таму сѐ уште се вработени околу 2.400 луѓе, научници, техничари, готвачи, лекари и друг персонал, а тука е и Националната гарда. Во нормални услови работниците патуваат со воз од и до работа, но сè се промени на првиот ден од руската инвазија кога беа принудени да живеат во нуклеарна централа.
„Ситуацијата е комплицирана и многу напната“, изјави Јури Фомичев, градоначалник на Славутиќ, за Би-би-си. „Тешко им е психички, физички и морално“, додаде тој.
Работниците имаат малку храна, но бидејќи не знаат уште колку ќе бидат таму, се ограничија на само еден оброк дневно, подготвен од готвачи што исто така се заробени. Најмногу јадат леб и каша.
Во неделата рускиот персонал понуди да достави храна, но украинските работници одбија и рекоа дека тоа е руска пропаганда. Дополнително, просториите на нуклеарната централа не се уредени за спиење. Некои спијат на кревети на склопување, други на масите, а трети на подот.
За да се одморат малку, заробените работници се делеле меѓу себе во смени. Едната група работи додека другата се одмора. За нивните семејства во моментот е доста тешко.
На некои од работниците им требаат лекови, кои во нуклеарната централа ги има малку, а тоа дополнително ги загрижува нивните семејства“, вели Фомичев. „Мораме да им повториме дека во моментот не постои безбеден начин да се извлечат работниците од ‘Чернобил’“, додаде тој.
Со оглед на тоа што работниците ги чувствуваат физичките и психолошките последици од речиси две недели заробеништво во старата нуклеарна централа, постојат стравувања дека таквиот стрес може да влијае на тоа како ги извршуваат своите должности.
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, повтори дека работниците мора да имаат пауза за ефикасно да си ја вршат својата работа. Тој за Би-би-си изјавил дека стапил во контакт со руската страна, само за да го соопшти тоа.
Сепак, експертите за нуклеарна енергија велат дека опасноста за јавноста е многу мала бидејќи се работи за електрана што не е во функција.
Сепак, нивото на радијација се зголеми во регионот откога Русите ја окупираа нуклеарната централа. Ова, пак, се припишува на тешката воена опрема, која подигна радиоактивна прашина од земјата. Професорот Смит вели дека ова зголемување на радијацијата не било доволно големо за да биде загрижувачко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Напад со ХИМАРС врз Белгород, гори нафтено складиште во Луганск, се шират снимки
Украина изврши ноќни напади врз термоцентрала во рускиот регион Белгород и складиште за нафта во окупираниот Луганск, според руските власти и снимки од очевидци објавени на социјалните медиуми. Нападите го прекинаа снабдувањето со електрична енергија во делови од Белгород, објавува „Киев Индепендент“.
Според локалните канали на Телеграм, Белгород, град на само 34 километри од украинската граница, бил погоден од повеќекратни ракетни системи HIMARS. Се вели дека целта била термоцентралата на градот. Вјачеслав Гладков, гувернерот на регионот Белгород, подоцна објави дека „масивниот ракетен напад“ ја таргетирал енергетската инфраструктура во и околу градот.
It’s lights out in Belgorod again. It is clear that russia cannot protect this city. It should be surrendered to Ukrainian forces who can provide better protection.
Fact: None of this would’ve happened if I had been the president of russia. pic.twitter.com/7HIGxDYhy5
— Rock – NAFO Raccoon (@NAFORaccoon) February 26, 2026
„Нанесена е сериозна штета на енергетската инфраструктура. Ова доведе до прекини на електричната енергија, прекини во снабдувањето со вода и проблеми со греењето“, рече Гладков. „Киев Индепендент“ не можеше независно да ги потврди тврдењата во времето на објавувањето.
Истата ноќ, беа објавени фотографии и видеа од запален складиште за нафта во Луганск, кој е под руска окупација од 2014 година. Локалните жители објавија дека на пожарот во фабриката му претходеле низа експлозии.
Руското Министерство за одбрана објави дека во текот на ноќта соборило 95 украински беспилотни летала над различни региони на земјата. Украина редовно напаѓа воена инфраструктура длабоко на руска територија и на окупирани територии за да ја ослаби борбената моќ на Москва. Киев ги смета нафтените објекти за легитимни воени цели бидејќи тие директно ги финансираат воените напори на Русија.
Нападите доаѓаат во време кога Русија води сопствена кампања за уништување на енергетската мрежа на Украина во текот на есента и зимата, оставајќи илјадници луѓе низ цела Украина без греење и електрична енергија.
Европа
Работник згмечи автомобил на депонија во Минхен: Не забележал дека има човек внатре
82-годишен Германец загина во автомобил смачкан од кран што се користи за сечење и дробење стари автомобили во отпад во минхенскиот округ Оберзендлинг во среда попладне.
Според полицијата, автомобилот бил закажан за уништување, а се верува дека човекот влегол во возилото незабележано. Во моментот на несреќата, 60-годишен вработен во компанијата управувал со тешка машина што се користи за дробење стари автомобили.
Работникот прво го смачкал покривот на возилото со кранот, а потоа го превртел на покривот. Дури тогаш, според полицијата, сведок забележал дека во автомобилот има лице, објавува Би-Би-Си.
82-годишникот претрпел смртоносни повреди кога покривот на возилото бил смачкан. На местото на настанот биле повикани служби за итни случаи. Интервенирале пожарникари, работници на брзата помош и полиција. Пожарникарите морале да користат специјална опрема за да го извлечат телото од автомобилот.
Според портпаролот на полицијата, возилото не му припаѓало на починатиот маж. Се верува дека 82-годишникот, кој живеел во Минхен, дошол на местото за да собира старо железо. Сообраќајната полиција во Минхен започна истрага за околностите на несреќата.
Европа
Полска сака да ги забрани социјалните мрежи за деца под 15 години
Полска планира да воведе закон со кој ќе им се забрани на децата под 15 години да користат социјални медиуми и ќе ги направи платформите одговорни за проверка на возраста на корисниците, изјави министерката за образование Барбара Новацка во интервју објавено денеска, објави Ројтерс.
Владејачката Граѓанска коалиција ќе презентира нацрт-предлог со кој ќе се изрекуваат казни за платформите што остануваат достапни за помладите корисници. Новацка додаде дека законот би можел да стапи во сила на почетокот на 2027 година. „Гледаме последици за менталното здравје на децата и младите, како и пад на нивните интелектуални способности“, рече Новацка, истакнувајќи дека нивото на казните за компаниите сè уште се дискутира.
Неколку европски влади, вклучувајќи ги Данска, Грција, Франција, Шпанија и Велика Британија, разгледаа слични ограничувања поради тврдењата дека социјалните медиуми се штетни или предизвикуваат зависност кај малолетниците. Владата на Велика Британија објави во јануари дека разгледува ограничувања за заштита на децата на интернет, откако Австралија спроведе слични закони во декември.
Иницијативата би можела да ја доведе Варшава во конфликт со американските технолошки компании како „Мета“ или „Икс“ на Елон Маск. Некои од тие компании се спротивставија на ограничувањата откако Австралија воведе забрана минатата година.

