Европа
Се појави нова варијанта на коронавирусот која ги загрижува научниците
Научниците предупредуваат дека почнува да се шири нов вид на Ковид-19 со голем број мутации кои би можеле да ја пробијат стекнатата заштита добиена со прележување на болеста или вакцинирање и поради тоа, да предизвикаат нови бранови на пандемијата.
Досега, официјално потврдени се само 10 случаи од оваа варијанта во три земји, но некои експерти се загрижени дека нејзините мутации би можеле да му овозможат на вирусот да го избегне стекнатиот имунитет.
Варијантата B.1.1.529 има 32 мутации на шилестиот протеин (S), делот со кој вирусот ги напаѓа клетките и кој е цел на повеќето вакцини.
Оваа варијанта првпат беше регистрирана во Боцвана, каде што сега се секвенционирани три случаи. Уште шест се потврдени во Јужна Африка и еден во Хонгконг кај патник кој се вратил од Јужна Африка.
Вирологот, Том Пикок, од Империјал колеџот во Лондон вели дека големиот број на мутации веројатно сугерира оти овој вид може да биде навистина проблематичен.
Пикок на „Твитер“ напиша дека оваа варијанта треба силно и внимателно да се следи, но додаде и дека може да се покаже оти всушност станува збор за „чудна група“ која не е многу пренослива.
„Се надевам дека е така“, напиша вирологот.
Првите случаи на оваа варијанта беа забележани во Боцвана на 11 ноември, а во Јужна Африка три дена подоцна. Случајот регистриран во Хонгконг е 36-годишен маж кој имал негативен ПЦР-тест пред да полета од Хонгконг за Јужна Африка, каде што престојувал од 22 октомври до 11 ноември. Тој бил негативен на тестот и при неговото враќање во Хонгконг, но бил позитивен на 13 ноември додека престојувал во карантин.
Научниците сега го следат овој нов вид за да видат дали ќе почне брзо да се шири, пишува „Гардијан“.
Микробиологот Рави Гупта од Универзитетот Кембриџ вели дека студијата во неговата лабораторија покажала дека две мутации на B.1.1.529 ја зголемиле инфективноста и го намалиле препознавањето на антителата.
„Изгледа загрижувачки со оглед на присутните мутации. Сепак, сè уште не знаеме точно колку е заразен овој сој, што е клучна карактеристика што ѝ даде залет на делта варијантата“, рече Гупта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.