Свет
Се самоуби телохранителот на Путин

Припадник на руската Федерална служба за безбедност изврши самоубиство денеска додека бил на должност во Кремљ, соопшти полицијата.
„Вработен изврши самоубиство за време на службата. Се врши истрага“, рекол извор за ТАСС.
Изворот ги негирал медицинските наводи дека тој служел во единицата одговорна за личната безбедност на рускиот претседател Владимир Путин.
Одделни руски медиуми тврдат дека е во прашање телохранител на Путин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нападната тинејџерка во Берлин: ја принудиле да им ги бакнува рацете и нозете

Четиринаесетгодишно девојче заврши во болница по напад во берлинската населба Нидершонвеиде. Според извештајот на берлинската полиција, група од девет лица ја нападнале малолетничката во саботата доцна навечер на паркинг во Шнелерштрасе по претходна расправија, пишува Цајт.де.
Според досегашната истрага, напаѓачите ја принудиле девојката да клекне на земја и да му ги бакне рацете и чевлите на еден од напаѓачите. Потоа, осомничениот ја удрил со нога по лицето, а потоа останатите членови на групата почнале да ја клоцаат и тепаат девојката додека таа беспомошна лежела на земја.
Полицијата наведува дека еден од напаѓачите го снимал целиот инцидент со телефон, додека мобилниот телефон на жртвата бил одземен и фрлен во блиската река Шпре.
Во нападот малолетничката се здобила со повреди на лицето и болки во зглобот и нозете. По инцидентот таа била пренесена во болница на амбулантско лекување.
Берлинската полиција интензивно работи на откривање на идентитетот на сите осомничени, кои засега се непознати. Истрагата за околностите и мотивите на нападот е во тек.
Свет
Зеленски: Ако Русите сакаат преговори, прво треба да престанат да го гаѓаат нашиот народ со проектили

Во својата најнова објава на социјалните мрежи, Зеленски ја обвинува Русија дека продолжува, како што го нарекува „воздушен терор“ против Украина.
„Украина се бори за нормален и безбеден живот што го заслужува, за мир – праведен и траен. Ние сакаме оваа војна да заврши. Но Русија не го сака тоа и продолжува со својот воздушен терор. Ако сакате преговори, не пукајте во луѓето со балистички ракети. За Русија да ги запре нападите, светот мора да биде пообединет и посилен“, додаде Зеленски.
Украинската полиција извести дека две лица загинале, а три се повредени во руските напади во регионот на Доњецк во изминатите 24 часа, додека десетици куќи биле оштетени или уништени.
Во одвоен извештај, тие исто така соопштија дека пет лица загинале, а 13 се ранети во јужниот регион Херсон, вклучително и тројца полицајци кои го евакуирале телото на 63-годишен маж убиен во напад со беспилотно летало.
Свет
Кои се потенцијалните наследници на Зеленски?

По средбата на украинскиот претседател Володимир Зеленски со американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс во Белата куќа, сè погласни се повиците на некои сојузници на Трамп, Зеленски да поднесе оставка.
Зеленски постојано изјавува дека би бил подготвен да се повлече доколку тоа би обезбедило мир или влез на Украина во НАТО, а изборите во Украина во моментот се неостварливи поради воената состојба, иако мандатот на Зеленски е истечен. Американците, пријателски настроени кон Трамп, од друга страна, сметаат дека тоа ќе го отвори патот за мировен договор меѓу Украина и Русија.
Трамп пред две недели упати низа остри критики кон Зеленски нарекувајќи го диктатор затоа што Украина не одржува избори или ги планира среде војна. Дополнително, тој му кажа дека не може да очекува големи територијални отстапки од мировните преговори со Русија, особено откако САД и Русија преговараа за Украина без украински претставници, анализираат медиумите.
Републиканскиот сенатор Линдзи Греам рече дека Украина можеби ќе треба да најде нов лидер доколку Зеленски не успее да ги поправи односите со Трамп. „Не знам дали Зеленски може да нè доведе до она што ѝ треба на Украина во односите со САД. Или тие драматично ќе се променат или ќе им треба некој нов“, рече Греам.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, рече дека нешто мора да се промени за да се донесе мир. „Или Зеленски ќе се вразуми и ќе се врати на масата со поголема благодарност или некој друг ќе мора да го стори тоа“, рече Џонсон. Советникот на Трамп за национална безбедност, Мајк Волц, предупреди дека на Украина ѝ треба лидер способен да разговара и со Америка и со Русија за да се стави крај на војната.
Иако Зеленски сè уште ужива голема поддршка во Украина и прашање е дали некој би можел да го победи доколку се кандидира, се појавија неколку имиња како можни нови претседатели на Украина.
Валери Залужни, поранешен врховен командант на украинската армија и актуелен амбасадор во Обединетото Кралство, е едно од најчесто споменуваните имиња. Залужни ја водеше одбраната на Украина до 2024 година, а беше разрешен по несогласувањата со Зеленски за воената стратегија. Според анкетите, Залужни е попопуларен од Зеленски и во некои сценарија убедливо би го победил на избори.
Како можен кандидат се појавува и Виталиј Кличко, градоначалник на Киев и поранешен боксер. Тој веќе го критикува Зеленски за неговите оптимистички изјави за текот на војната, а го поддржа Залужни за, како што рече, искреноста. Кличко рече дека политичарите, вклучително и Зеленски, ќе мора да се соочат со одговорноста за успесите и за неуспесите на крајот на војната.
Руслан Стефанчук, претседател на украинскиот парламент и близок соработник на Зеленски, е друго име што се споменува. Тој е познат по тоа што силно се спротивстави на повиците на Трамп за избори среде војна велејќи дека на Украина сега ѝ требаат „куршуми, а не гласачки ливчиња“. Тој неодамна ја повика ЕУ да ја зголеми воената помош за Украина и предупреди на заканата што доаѓа од Русија. Стефанчук се чини дека е највоинствениот од овие тројца кандидати.
Без разлика кога ќе се одржат изборите во Украина, тие ќе зависат од повеќе фактори.
Прашање е во која фаза ќе биде воениот конфликт, дали ќе има примирје или траен мир и дали Зеленски ќе се кандидира на тие избори.