Свет
Се смирува ситуацијата во Киргистан
По политичките немири и судири на политичките фракции, кои од 5 октомври ја тресат престолнината на Киргистан, ситуацијата во главниот град се стабилизира.
Претставник на командната гарда соопшти дека од воведувањето на полицискиот час немало сериозни кршења на законот.
На социјалните мрежи се наведува дека приврзаниците на новопоставениот премиер Садир Жапаров прославуваа синоќа пред неговата куќа до 23 часот иако полицискиот час трае од 21 до 5 часот наутро.
Во градот се распоредени воени единици и вооружување, на премините до престолнината има контролни пунктови, а на граѓаните им е ограничено движењето.
Забранета е продажбата на алкохолни пијалоци по 18 часот и сите масовни собири, а јавниот превоз и продавниците работат нормално.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Градоначалникот на италијански град го ограничува автобускиот сообраќај поради масовниот туризам
Градоначалникот на популарниот италијански ски-центар Рокарасо, Франческо ди Донато, го ограничи бројот на автобуси дозволени во градот на 100 во текот на викендот поради проблемот со прекумерниот туризам, објави денеска Гардијан.
Минатиот викенд, 260 автобуси со над 10.000 туристи од јужните италијански региони пристигнаа во Рокарасо.
Ди Донато рече дека одморалиштето веќе е зафатено, но дека никогаш немало прилив на туристи како минатиот викенд, пренесува Танјуг.
Тој навести дека можеби ќе повика војска за да го реши проблемот, но засега го ограничи бројот на туристички автобуси кои можат да влезат во градот во сабота и недела на 100, а автобуските компании ќе мора однапред да резервираат места преку интернет.
Просечно 20.000 скијачи одат во Рокарасо за време на викендите во јануари и февруари, со дополнителни 15.000 туристи кои доаѓаат само за да го посетат.
.
Регион
Регионот денеска ги бојкотира продавниците: Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска и БиХ против големите супермаркети поради енормно високите цени
По повиците на социјалните мрежи, денеска се очекува граѓаните во државата да ги бојкотираат маркетите поради високите цени на прехранбените производи. Иницијативата која прво се случи во Хрватска, а подоцна слични акции беа најавени и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија, доби поддршка од пошироката јавност, како и од партиите од власта и од опозицијата.
И премиерот Христијан Мицкоски деновиве искажа разбирање за бојкотот и најави засилени контроли и казни за трговците кои го изигруваат законот и мерки за заштита на животниот стандард.
Бојкот се одржува и во Црна Гора, на кој со денови повикуваат групи граѓански активисти, невладини организации и синдикати, а делумно и Владата. Истата ситуација се случува и во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина.
Алтернатива Црна Гора денеска ги повика граѓаните да ги бојкотираат супермаркетите и продавниците во земјата. Целта на бојкотот е да се испрати предупредување до сопствениците на пазарот дека Црна Гора конечно може да се обедини.
Вчера во Хрватска започна најавениот седумдневен бојкот на поголемите маркети како и на одредени производи.
„Јас го поддржувам бојкотот, ако мнозинството луѓе бојкотираат, тоа ќе има влијание однадвор“, изјавила жена за Индекс пред продавница во Загреб.
Група граѓани на Босна и Херцеговина, со денови незадоволни од високите цени на храната, иницираа бојкот на продавниците, кој е закажан за денеска, пренесува „Кликс“.
Во најавата за бојкот се повикуваат сите граѓани да не ги трошат своите пари во продавници, пекари, трговски центри, бензински пумпи и ресторани денеска, 31 јануари.
Регион
Забележана зголемена вулканска активност на популарниот грчки остров Санторини
Вулканската активност е зголемена на популарниот туристички остров Санторини во Грција.
Зголемената вулканска активност во грчкото туристичко жариште Санторини го натера министерот за цивилна заштита да свика состанок со локалните власти и службите за одговор при катастрофи.
Министерството за климатски кризи и цивилна заштита објави дека сензорите откриле „блага сеизмичко-вулканска активност“ во кратерот на вулканот Санторини. Слична активност на тој простор имаше и во 2011 година, кога траеше 14 месеци и заврши без никакви проблеми.
Научниците кои го надгледуваат грчкиот вулкански лак, кој се протега од Пелопонез во јужна Грција преку островите Киклади, забележале зголемување на активноста на централната линија на раседот во северниот дел на кратерот на вулканот Санторини, се вели во соопштението, пренесе Бета-АП.
„Според научниците, врз основа на моментално достапните податоци, нема причина за посебна загриженост“, нагласуваат од Министерството.
Островот Санторини е една од најпопуларните туристички дестинации во Грција, привлекувајќи посетители од целиот свет со своите варосани куќи покрај работ на карпата на поплавениот вулкански кратер кој сега е море.
Тоа беше место на една од најголемите вулкански ерупции во историјата на човештвото, во бронзеното доба околу 1620 година п.н.е., уништувајќи голем дел од островот и давајќи му ја на Санторини сегашната форма.
Иако сè уште е активен, вулканот на Санторини ја имаше својата последна значајна ерупција во 1950 година.
„Вулканот на Санторини произведува многу големи експлозии на секои 20.000 години“, изјави Ефтимиос Лекас, сеизмолог и шеф на Научниот комитет за следење на грчкиот вулкански лак, за грчката државна телевизија ЕРТ во четвртокот. „Поминаа 3.000 години од последната експлозија, така што имаме многу време пред да се соочиме со голема експлозија“, вели тој.
Лекас рече дека вулканската активност се зголемува и намалува и може да предизвика мали земјотреси: „Вулканот е жив организам“, рече тој, додавајќи дека „нема да се соочиме со голема експлозија, туку со блага, постепена активност“.