Свет
Се урнаа неколку оштетени згради во новиот земјотрес во Турција, татко и ќерка заробени под урнатините
Земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала ја погоди денеска јужна Турција, три недели откога катастрофалниот земјотрес ја опустоши областа предизвикувајќи уривање на некои веќе оштетени згради, изјави официјален претставник.
Центарот на денешниот земјотрес е во градот Јесиљурт во провинцијата Малатија, соопшти турската агенција за управување со катастрофи.
Градоначалникот на Јесиљурт, Мехмет Џинар, за „ТВ Хабер Турк“ изјави дека се урнале неколку згради во градот, вклучително и четирикатница, во која се заробени татко и ќерка. Тој рече дека влегле во оштетената зграда за да ги соберат своите работи.
На друго место во Малатија екипите за пребарување и спасување ги пребаруваат урнатините на друга зграда што се урна врз некои паркирани возила, објави телевизијата.
Најмалку едно лице загина, а повредени се 69, објавија турските власти.
Земјотресот се случи во 12.04 часот по локално време, на длабочина од 6,96 километри во подрачјето на Јесиљурт. Потресот бил почувствуван и во соседните области Кахраманмараш, Газијантеп, Адијаман и Шанлиурфа.
Малатија е меѓу 11-те турски провинции погодени од земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што уништи делови од јужна Турција и северна Сирија на 6 февруари. Во тој земјотрес во двете земји загинаа повеќе од 48.000 луѓе, а во Турција беа уништени или оштетени 173.000 згради.
Турската агенција за управување со катастрофи АФАД соопшти дека во областа се регистрирани речиси 10.000 последователни потреси од земјотресот на 6 февруари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рјабков: Русија нема доверба во НАТО
Геополитичките проекти со НАТО сега се невозможни, Москва нема доверба во Алијансата и кај нас предизвикува политичка и емотивна одбивност, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Геополитички дизајн од секаков вид со НАТО е невозможен. НАТО не е пандан способен за преговори, тоа е групација во која не само што немаме ни најмала доверба, туку ни предизвикува политички и, дури би рекол, емотивна одбивност“, рече Рјабков во интервју за ТАСС.
Тој посочи дека Русија ќе работи со оние „кои се подготвени да преговараат на еднаква основа“.
„Големиот евроазиски простор, концептите на евроазиската безбедност, се она што доаѓа во центарот на вниманието на архитектонските проекти во однос на политиката и геополитиката. Според нас, тоа е она на што пред се треба да се фокусираме“, посочи Рјабков.
Свет
Ирански командант: Три европски земји ќе одговараат за помошта кон Израел
Командантот на силите Кудс, Есмаил Кани изјави дека трите европски земји кои ги распоредија своите воени авиони за да го одбранат Израел од одмаздничката операција организирана од Иран ќе одговараат.
– Франција, Германија и Велика Британија не треба да мислат дека распоредувањето на авионите таа ноќ е крај на проблемот. Да, таа ноќ заврши, но ќе одговорат во догледно време – изјави бригадниот генерал Есмаил Кани.
Според него, Соединетите Американски Држави и целата западна воена алијанса на НАТО придонеле со сите свои воени капацитети за одбрана на Израел од иранската операција „Вистинско ветување“, пренесува иранската агенција „Тасним“.
– Седум или осум поморски групи се распоредени во Црното Море за да се спречи (иранската) операција – рече тој, додавајќи дека во таа операција се вклучени и повеќе од 200 авиони.
Кани оцени дека Иран ја покажа својата сила, непоколебливост и моќ на целиот свет при нападот на територијата на Израел.
– Победата на операцијата „Вистинско ветување“ не е ограничена само на бројот на ракети и беспилотни летала кои стигнаа до окупираните територии – рече Кани и ги повика земјите од регионот да учат од, како што наведе, „неспособноста на САД да го заштитат израелскиот режим за време на иранската операција“ и да не се потпираат на Вашингтон.
На 13 април Техеран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск на 1 април, кога беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда.
Иран тврди дека нападот „Вистинско ветување“ предизвикал голема штета на израелските воени бази.
Регион
Изгласана новата влада на Хрватска: Пленковиќ по трет пат стана премиер
Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.