Свет
СЗО објави шест критериуми за ублажување на мерките за справување со коронавирусот
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебриесус, предупреди дека рестриктивните мерки за справување со коронавирусот мора да се укинуваат полека и на контролиран начин.
„Во некои држави и заедници неколку недели има социјални и економски ограничувања. Некои земји размислуваат за тоа кога можат да ги укинат тие ограничувања, други размислуваат за тоа дали и кога да ги воведат. Во двата случаи овие одлуки мора да се засноваат пред сè на заштита на човековото здравје и да бидат водени од тоа што го знаеме за вирусот и како се однесува“, рече шефот на СЗО.
Шест критериуми за ублажување на мерките
Шефот на СЗО, во однос на намерите на многу земји кои размислуваат за ублажување на мерките, истакна шест критериуми за тоа.
Прво, преносот на вирус да се контролира;
Второ, здравствениот систем да има капацитет за откривање, испитување, изолирање и лекување на секој случај и следење на секој контакт;
Трето, да се минимизира ризикот од појава на вирусот во посебни услови, како што се здравствените установи и домовите за стари лица;
Четврто, превентивните мерки да се на сила на работни места, училишта и други места каде што е најважно луѓето да одат;
Петто, да може да се управува со увезените ризици;
И шесто, заедниците целосно да се информирани и ангажирани да се прилагодат на „новата норма“.
СЗО во петокот предупреди дека предвременото укинување на рестриктивните мерки може да доведе до „фатално враќање“ на епидемијата доколку мерките за изолација нагло се укинат.
До денес, во светот се потврдени над 1.883.000 случаи на заболени од коронавирус, а 117.569 луѓе починале.
Шефот на СЗО рече дека ќе биде потребна безбедна и ефикасна вакцина за целосно исчезнување на коронавирусот.
„Ерата на глобализација значи дека ризикот од повторна појава на ковид-19 ќе продолжи. На крајот, ќе биде потребно откривање и дистрибуција на безбедна и ефикасна вакцина за целосен прекин на трансмисијата“, рече шефот на СЗО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шест лица загинаа во напад на џамија во Авганистан, непознато лице пукало во цивили
Најмалку шест лица загинаа, а едно лице е рането во џамија во авганистанскиот град Андишех во областа Гузара, изјави авганистанскиот министер за внатрешни работи Абдул Матин Кани.
Тој изјави дека „непознато вооружено лице пукало во цивилни верници во џамијата“ вчера во 21 часот по локално време, пренесува Ал Џезира.
Меѓу убиените е и имамот на џамијата во која се молеле шиитските муслимани.
Ројтерс јавува дека меѓу жртвите има и дете.
Свет
Седум Палестинци загинаа, а 32 се ранети во израелски бомбардирања
Седум Палестинци загинаа, а најмалку 32 се ранети во израелско бомбардирање на блокираниот Појас Газа, јавува дописникот на ВАФА.
Тој рече дека израелските воени авиони извршиле серија воздушни напади врз северните и западните делови на бегалскиот камп Нусејрат, при што загинале четворица Палестинци, а 15 други се ранети.
Тој додаде дека израелски воени авиони извршиле три воздушни напади врз населбата Заитун во Газа, при што загинале три лица, а десет се ранети.
Борбени авиони го нападнаа и градот Џабалија и бегалскиот камп во северниот појас, при што беа повредени седум лица, меѓу кои три деца.
Во меѓувреме, израелската артилерија ги гранатираше бегалските кампови Ал-Буреј и Ал-Магази во централниот појас, населбите Тал ал-Хава, Шеик Ијлин и аз-Зајтун во градот Газа, како и кулата Шеик Зајед во Беит Лахиа.
Во јужната зона, артилерија нападна цивилни куќи во источниот дел на градот Кан Јунес.
Свет
ОН: Отстранувањето на експлозивните направи во Газа ќе трае 14 години
Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA) соопшти дека отстранувањето на бомбите и другите видови неексплодирани убојни средства во Газа може да потрае 14 години.
Според проценките на ОН, за време на војната низ Газа биле создадени 37,5 милиони тони урнатини, а поголемиот дел од нив бил расфрлан со бомби и други видови муниција кои не експлодирале, пишува ТАСС.
OCHA изјави дека околу два милиони луѓе, или половина од населението на Газа, нашле засолниште во Рафах, кои имаат потешкотии да пристапат до основните потреби како што се здравствена заштита, чиста вода и санитарни објекти.