Свет
СЗО: Пандемијата во светот забавува, освен во Југоисточна Азија и источен Медитеран
Пандемијата на коронавирусот и натаму се шири, но растот на бројот на новозаразени и починати во светот забавува, со исклучок на Југоисточна Азија и источен Медитеран, објави Светската здравствена организација.
Во својот последен извештај за епидемиолошката ситуација објавен синоќа, СЗО истакнува дека двете Америки и натаму се најтешко погодени и половина од новите случаи и 62 отсто од 39 илјади починати во последната недела се од овие земји.
Во светот заразени се повеќе од 23,65 милиони луѓе, а 811 илјади се починати, стои во податоците на „Ројтерс“.
Југоисточна Азија, вториот најпогоден регион, забележа 28 % зголемување во нови случаи и 15 проценти повеќе смртни случаи. Повеќето од нив се во Индија, но вирусот бргу се шири и во Непал.
Во источниот Медитеран бројот на заболени се зголеми 4 проценти, но бројот на загинати опадна во последните шест недели, соопшти СЗО. Најбрз раст во однос на минатата недела бележат Либан, Јордан и Тунис во споредба со минатата недела.
Бројот на нови инфекции и смртни случаи во Африка опадна за 8 и 11 проценти, пред сè, поради опаѓањето на случаи во Алжир, Кенија, Гана, Сенегал и во Јужна Африка.
„Во Европа бројот на случаи се зголемува во изминатите три недели“, се вели во извештајот на СЗО, но мал пад од 1 процент е забележан во минатата недела, а бројот на смртни случаи паѓа во целиот регион.
Во регионот на западен Пацифик бројот на случаи опадна 5 проценти, пред сè , поради забавување на експанзијата во Јапонија, Австралија, Сингапур, Кина и во Виетнам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

