Европа
СЗО предупредува, внимателно да се укинуваат мерките против Ковид-19
Директорот на Светската здравствена организација (СЗО) за итни ситуации, Мајкл Рајан, ги повика државите да бидат многу внимателни во ублажувањето на мерките воведени поради Ковид-19 за да не ги нарушат остварените придобивки.
Секоја држава мора да одлучи сама, но и поединците, вклучително и оние што не се вакцинирани, мора да преземат одговорност да се заштитат себе си и другите.
Англија, домаќинот на Европското првенство во фудбал, се подготвува да ги укине најограничувачките мерки на 19 јули, другите европски земји веќе почнаа да ги укинуваат ограничувањата за патување, а индиските држави ги олеснуваат мерките и покрај зголемениот број новоинфицирани со заразниот делта-сој на коронавирусот.
Рајан рече дека секоја држава мора сама да одлучи, но и дека поединците, вклучително и оние што не биле вакцинирани, мора да преземат одговорност да се заштитат себе си и другите со цел да се запре притисокот врз болниците поради потенцијален нов бран на заразени.
Тој предупреди на многу опасната претпоставка дека сите во Европа сега се заштитени и дека светот се враќа во нормала.
Пред укинувањето на мерките, британскиот премиер, Борис Џонсон, изјави дека доаѓањето на летните и училишните одмори може да помогне за поповолна епидемиолошка состојба.
Рајан рече дека верува оти британските научници се многу свесни за заканата што ја носат новите соеви, особено делта-видот, и дека тие се за внимателно укинување на мерките.
СЗО ги предупреди земјите, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави и Швајцарија, наместо да вакцинираат деца на возраст од 12 до 15 години, тие треба да им донираат вакцини на сиромашните земји преку програмата „Ковакс“.
Експертот за вакцинирање на СЗО, Ен Линдстранд, предупреди дека од коронавирус не страдаат најмногу деца, туку возрасни и лицата со висок ризик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

