Европа
СЗО: Состојбата е загрижувачка, ни се заканува опасна зима со 700.000 починати

Канцеларијата на СЗО за Европа соопшти дека голема е можноста 53 земји од светот до пролет да се соочат со уште 700.000 починати пациенти од Ковид-19.
Од таму додаваат дека бустер-дозата треба да биде приоритет за најранливите категории граѓани.
Денес, состојбата со Ковид-19 во Европа и централна Азија е многу сериозна. Ни се заканува опасна зима, но не треба да губиме надеж бидејќи сите ние, владите, здравствените власти, поединци, можеме да преземеме конкретни мерки како би ја стабилизирале пандемијата, соопшуваат од СЗО Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украина: Западните мировници би можеле да патролираат по воздушен и морски пат

Украина е во разговори со западните сојузници за да се осигура дека секој иден воен контингент кој ќе го надгледува потенцијалниот прекин на огнот, исто така, има улога во патролирањето на воздушниот и поморскиот простор, изјави вчера на прес-конференција портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георги Тихи.
„Ако нашите партнери и сојузници се подготвени да разговараат за можното распоредување на овие контингенти за да се обезбеди мир и безбедност во Украина… тогаш мислиме дека е сосема можно да се разговара за безбедноста на небото“, рече Тихи.
Дискусијата доаѓа во време кога се споменува концептот на мултинационални мировни сили како потенцијална безбедносна гаранција за Украина во случај на прекин на огнот.
Според Киев Индипендент, Тихи ја истакнал важноста од зајакнување на безбедноста во Црното Море, со оглед на континуираните руски закани за слободата на пловидба. „Веќе разговараме за ова во преговорите со нив (западните партнери – уред.) и веруваме дека ова е сериозна тема за која треба да се разговара“, рече тој, додавајќи дека ова прашање може дополнително да се разговара на самитот на ЕУ на 6 март.
Вашингтон ја поддржа идејата за европски мировни сили, а американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет на 12 февруари рече дека таквата мисија нема да вклучува американски војници.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 26 февруари повтори дека Европа треба да преземе примарна одговорност за регионалната безбедност. Франција, Обединетото Кралство и неколку други земји сигнализираа поддршка за распоредување мировници, иако европските нации сè уште не постигнале консензус.
„Вашингтон пост“ на 17 февруари објави дека до 30.000 европски војници може да бидат испратени во Украина како дел од мисијата за следење на прекинот на огнот.
Европа
Шест деца уапсени откога беше застрелан 11-годишник во Ротердам: неговата состојба сè уште е сериозна

Полицијата во холандскиот град Ротердам оваа недела уапси шест малолетници откога 11-годишно момче беше пронајдено застрелано и во критична состојба во стан. Малолетниците се осомничени за обид за убиство, соопшти вчера холандската полиција, а пренесува „Телеграф“.
Според холандските медиуми, апсењата се извршени во последните три дена, а осомничени се момчиња на возраст од 12, 13 и 15 години од Ротердам, 14-годишно девојче од Ротердам, 14-годишно момче од Марсберген и 16-годишно момче од Еншеде.
По истрагата, малолетниците станале осомничени, а некои од нив ѝ се предале на полицијата, пишува „Телеграф“. Како што се дознава, полицијата не ја исклучува можноста за дополнителни апсења. Освен тоа, тие се осомничени и за поседување огнено оружје и муниција. „Секој осомничен е испрашуван поединечно за неговата улога во овој инцидент“, соопшти полицијата.
Сите малолетници што беа уапсени се во притвор и денеска и утре ќе бидат изведени пред истражен судија во Ротердам, кој ќе одлучи дали ќе им го продолжи притворот. Веднаш по инцидентот, полицијата пронашла огнено оружје на тревната површина во близина на станбената зграда, пренесува „Телеграф“.
Момчето морало да биде реанимирано и однесено во болница во критична состојба. Што точно се случило на местото на злосторството сè уште е нејасно, но полицијата утврдила дека 11-годишното момче било застрелано. Неговата состојба сè уште е сериозна.
Европа
Зеленски е поканет на важен состанок на ЕУ за европската одбрана

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски на вонреден самит на лидерите на ЕУ следната недела, кој ќе биде посветен на Украина и на европската одбрана.
„Го поканив украинскиот претседател Зеленски во Брисел на состанок на Европскиот совет за да разговараме за најновите случувања поврзани со нас“, напиша Коста во писмото со покана до лидерите на земјите членки на ЕУ.
Вонредниот самит што ќе се одржи за една недела ќе биде исклучиво посветен на Украина и зајакнувањето на европската одбрана.
„Во однос на европската одбрана, мојата цел е да ги продолжам дискусиите на нашиот неформален собир на 3 февруари со цел да ги донесеме првите краткорочни одлуки за да ја направиме Европа посуверена, способна и подобро опремена да се соочи со непосредните и со идните предизвици за нејзината безбедност“, вели Коста.
Во однос на Украина, „постои нов момент што треба да води кон сеопфатен, праведен и траен мир“.
„Европската Унија и нејзините земји членки се подготвени да преземат поголема одговорност за безбедноста на Европа.
„Затоа треба да бидеме подготвени за можен европски придонес кон безбедносните гаранции, кои ќе бидат неопходни за да се обезбеди траен мир во Украина“, нагласи Коста.