Свет
Силен земјотрес ги погоди Курилските острови
Земјотрес со јачина од 6,7 степени според Рихтер ги погоди Курилските острови, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки институт (EMSC).
Земјотресот е регистриран во близина на градот Јужно-Курилск, во копнениот дел на најголемиот остров, каде живеат околу 6.000 луѓе, нешто пред 14 часот по европско време.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 152 километри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ердоган: Турција ќе обезбеди безбедност надвор од нејзините јужни граници од 2025 година
Турција ќе обезбеди безбедност надвор од нејзините јужни граници и ќе ги елиминира терористичките закани кои доаѓаат од тие региони почнувајќи од 2025 година, изјави денеска претседателот на земјата, Реџеп Таип Ердоган.
„Почнувајќи од 2025 година, ќе обезбедиме безбедност надвор од нашите јужни граници, особено во однос на прашањето за тероризмот и ќе ги елиминираме заканите кои доаѓаат од тие региони“, рече тој на конгресот на неговата владејачка Партија на правдата и развојот (АК Партија) во провинција Баликесир.
Говорејќи за падот на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, Ердоган рече дека Турција „ги поддржа братските врски“, им помагаше на оние на кои им е потребна и уште еднаш излезе победник, јавува агенцијата „Анадолија“.
„Тестот на хуманоста го положивме со високи оценки“, заклучи Ердоган.
Од падот на режимот на Асад, Турција изврши неколку напади врз курдските милитанти во Сирија, вклучително и членовите на Народните одбранбени единици (ЈПГ), кои ги смета за продолжување на Курдистанската работничка партија (ПКК).
ПКК, која Турција, Европската унија и САД ја прогласија за терористичка организација, започна вооружен бунт против турската држава во 1984 година, а во тој конфликт досега се убиени 40.000 луѓе.
Анкара неодамна инсистираше на тоа дека ЈПГ мора да се распушти, тврдејќи дека нема место за групата во иднината на Сирија.
Анкара рутински извршува прекугранични воздушни напади и воени операции насочени кон ПКК, а операциите што ги спроведува денес се дел од тековните судири меѓу фракциите поддржани од Турција во Сирија и ЈПГ, според Ројтерс.
Свет
Белата куќа: Има индиции дека Русија е одговорна за авионската несреќа во Азербејџан
Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби изјави дека има рани индикации оти Русија е можеби одговорна за падот на азербејџанскиот авион над Казахстан, кој наводно бил соборен од руска ракета за воздушна одбрана, пренесува „Би-би-си“.
Авионот бил цел на руските системи за противвоздушна одбрана при обид да слета во Чеченија, но бил пренасочен кон Казахстан, каде што се случила несреќата. Азербејџанските власти соопштија дека авионот бил под надворешен удар, вклучително и електронско заглавување на системот ГПС и експлозии на проектили.
Сè уште не е позната официјално причината за падот на авионот. Во несреќата загинаа 38 лица, а 29 беа спасени.
Азербејџан повика на меѓународна истрага.
Свет
Зеленски: Севернокорејците преземаат екстремни мерки за да избегнат заробување
Севернокорејските војници распоредени во рускиот регион Курск претрпуваат големи загуби и руските сили не ги штитат, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски во своето вечерно видео обраќање рече дека руските сили испраќаат севернокорејски трупи во битка со минимална заштита и дека Севернокорејците преземаат екстремни мерки за да избегнат заробување.
„Нивните загуби се значајни, многу значајни. Гледаме дека ниту руската војска ниту нивните севернокорејски надзорници немаат никаков интерес да обезбедат опстанок на Севернокорејците. Сè е организирано на таков начин што е невозможно да се заробат. Има случаи кога нивните сопствени сили ги погубуваат“, рече тој.
Украинските и западните разузнавачки извештаи покажуваат дека има околу 12.000 севернокорејски војници во Курск, руски пограничен регион каде што украинските сили држат делови од територијата по пробивот во август.
Претходно оваа недела, Зеленски рече дека повеќе од 3.000 Севернокорејци биле убиени или ранети.
Тој изјави дека украинските сили успеале да заробат неколку севернокорејски војници, но дека тие „се тешко ранети“ и дека „не било можно да им се спасат животите“.
Зеленски истакна дека Севернокорејците не треба да ги губат животите во битките во Европа.
„Ако Кина е искрена во своите изјави дека војната не треба да се шири, таа мора да изврши соодветен притисок врз Пјонгјанг“, рече тој.