Свет
Силувана холандска тинејџерка си го одзеде животот со законска евтаназија
Седумнаесетгодишна тинејџерка од Холандија, која била жртва на сексуална злоупотреба, си го одзеде животот со помош на државната програма за евтаназија по долгогодишната борба со депресијата и менталното заболување, пренесува РТ.
Ноа Петовен си го одзеде животот во својот дом во Арнхем во неделата со помош на клиниката за евтаназија. Асистираното самоубиство е легално во земјата според законот за прекин на животот по барање и асистирано самоубиство од 2001 година за кое е потребно одобрение од лекар, кој мора да заклучи дека болката на пациентот е неиздржлива.
На денот пред својата смрт Потовен ја сподели својата одлука со повеќе од 10.000 следбеници на „Инстаграм“.
„Во рок од 10 дена ќе умрам“, напиша таа. „По неколку години борба, сè е готово. Јас веќе престанав да јадам и пијам некое време, а по многу разговори и критики, беше одлучено да ме ослободат бидејќи моето страдање е неподносливо. Завршено е“.
Потовен блогира за прашањата поврзани со менталното здравје и пишуваше за својата битка со депресија во наградената автобиографија „Победа и учење“. Во книгата тинејџерката детаљно ги опишува искуствата со сексуална злоупотреба и силување поради што таа со години се криела од срам.
Иако евтаназијата останува мошне контроверзна, секоја година сè поголем број луѓе поминуваат низ процедурата. Според најновите податоци, во 2017 година во Холандија имало над 6.500 асистирани самоубиства, што е 8 отсто повеќе од претходната година. Евтаназијата е легална и во Канада и во Белгија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Од новогодишната забава до масовна трагедија во Швајцарија
Истражителите во Швајцарија се обидуваат да утврдат како и зошто пожарот што избувна за време на новогодишната ноќ во барот „Ле Констелејшн“ во скијачкиот центар Кран-Монтана се проширил со толкава брзина и сила, при што загинаа најмалку 40 лица, а над сто беа повредени, многумина со тешки изгореници и интоксикација од чад. Иако првичните информации укажуваат дека огнот бил предизвикан од прскалки прикачени на шишиња шампањ, клучното прашање останува како е можно за неколку секунди целиот простор да се претвори во огнена замка без реална можност за спас.
Според швајцарските власти, пожарот започнал во подрумскиот дел од објектот, кога прскалките што ги држеле келнери и гости биле премногу блиску до таванот. Фотографии и видеоснимки, направени непосредно по полноќ, покажуваат пламен кој се шири по таванот додека музиката сè уште свири, а дел од присутните во прв момент не сфаќаат дека се наоѓаат во животна опасност. Експертите за противпожарна безбедност укажуваат дека материјалот на таванот најверојатно бил полиуретанска акустична пена, која, доколку не е соодветно заштитена, е исклучително запалива и при горење ослободува густ и отровен чад.
Токму комбинацијата од запалив тавански материјал и отворен пламен довела до појава на таканаречен „флешовер“ – момент кога наталожените врели гасови под таванот достигнуваат критична температура и за миг го зафаќаат целиот простор. Во такви услови, како што објаснуваат експертите, шансите за преживување се речиси непостоечки, бидејќи температурата нагло се зголемува, видливоста исчезнува, а чадот предизвикува губење на свеста за многу кратко време.
Дополнителен фактор што придонел за високиот број жртви биле излезните патишта. Иако објектот формално имал повеќе излези, сведоштвата и видеоснимките укажуваат дека најголемиот дел од луѓето се обиделе да избегаат преку главното скалило од подрумот, кое било тесно и стрмно. Во паниката, тоа скалило брзо се претворило во опасно тесно грло, каде луѓето паѓале, се судирале и биле прегазувани. Истражителите сè уште не можат со сигурност да потврдат дали излезите за итни случаи во моментот на пожарот биле отворени и проодни.
Се разгледува и фактот дека користењето прскалки на шишиња шампањ не бил изолиран инцидент, туку практика која, според достапните снимки, се применувала и во претходни години. Иако сопствениците на локалот тврдат дека објектот бил редовно контролиран и усогласен со прописите, истрагата ќе утврди дали безбедносните стандарди биле соодветни за ваков тип на простор и вакви начини на прослава.
Трагедијата во Кран-Монтана повторно го отвори прашањето за безбедноста во ноќните клубови и барови, особено за време на масовни прослави. Комбинацијата од пиротехнички реквизити, запаливи материјали, затворен подрумски простор и ограничени излезни патишта се покажа како смртоносна формула, која за неколку секунди ја претвори новогодишната еуфорија во сцени на паника, задушување и масовна загуба на човечки животи.
Свет
Мадуро прогласи воннредна состојба во Венецуела по експлозиите во Каракас
Претседателот на Венецуела Николас Мадуро прогласи вонредна состојба во земјата по експлозиите што одекнаа рано изутрината во главниот град Каракас.
Канцеларијата на Мадуро соопшти дека се нападнатаи главниот град на Венецуела и регионите Миранда, Арагуа и Гуара.
Венеуцелските власти за нападите ги обвинуваат САД, нагласувајќи дека „Венецуела ја отфрла американската агресија“.
– Целта на американскиот напад е да ни ја одземе нафтата и природните ресурси. Сепак, САД нема да успеат да ни го одземат богатството, се нагасува во соопштението.
Венецуелската влада ги повика сите политички и општествени сили во земјата да се мобилизираат.
Најмалку седум експлозии одекнаа утрово во венецуелската престолнина, Каракас, а биле забалежани и авиони во низок лет. Експлозиите се случија околу 2:00 часот по локално време (7:00 часот по 2 часот наутро (7 часот наутро по централноевропско време).
Луѓето во паника излегоа од своите домови на улиците. Јужниот дел од Каракас, вклучувајќи ја и областа во близина на голема воена база, е без струја.
Фотографии објавени од колумбиската телевизиската станица NTN24 покажуваат густ чад над Каракас, видлив и во областа на аеродромот Карлота.
На видео, пак, емитувано од каналот VPItv се гледаат неколку хеликоптери како летаат над градот ноќе.
Ова се случува откако американската морнарица нападна неколку венецуелски бродови за кои се тврди дека носеле дрога.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, со месеци се заканува дека наскоро би можел да нареди напади врз копнени цели во Венецуела. Минатата недела, за време на средбата во Флорида со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Трамп потврди дека американските сили нападнале пристаниште во Венецуела кое се користи за трговија со дрога.
Венецуела вчера соопшти дека е отворена за разговори со САД за борба против трговијата со дрога.
Сепак, венецуелскиот претседател Николас Мадуро во претходно снимено интервју објавено во четврток изјави дека САД сакаат да изнудат промена на владата во Венецуела и да добијат пристап до нејзините огромни нафтени резерви преку повеќемесечна кампања за притисок што започна во август со масовно воено распоредување во Карипското Море.
Свет
Заглавени возила и превртени камиони: Сообраќаен хаос на германските патишта поради студеното време
Студеното време што ја зафати Германија предизвика поледици на патиштата и сообраќаен хаос, пренесува ДПА. Леденото време предизвика неколку несреќи на главните германски патишта во петокот и ноќта.
Камион што превезувал лосос се излизгал и се превртел на автопатот A93 во северниот дел на Баварија, во близина на градот Вернберг-Кеблиц. Несреќата предизвикала приколката на камионот да се отвори и рибите да се истурат по коловозот, соопшти денеска портпарол на полицијата. Возачот не е повреден, а автопатот бил затворен повеќе од 10 часа.
Друг камион се лизнал на автопатот A1 во близина на северниот град Бремен и удрил во знак и заштитна ограда. Возачот не е бил повреден. Полициските службеници на местото на настанот привремено го затвориле автопатот и во тек е операција за расчистување на коловозот од мраз и снег.
Десетици камиони и автомобили останаа заглавени на заледениот мост Келбранд во северниот германски град Хамбург. Возилата не можеа да се искачат по мостот поради замрзнатиот коловоз.
Властите предупредуваат дека студениот бран со снег и мраз ќе продолжи и во наредните 24 часа.

