Свет
„Сите сме губитници“: Директорката на болницата во Газа бара да заврши војната
По разорната експлозија, директорката на болницата „Ал Ахли“ во Газа упати итен и емотивен апел да се стави крај на последната војна меѓу Хамас и Израел.
Во телефонски разговор за АП, Сухаила Тарази рече дека грозоморните сцени по експлозијата „се различни од она што таа некогаш го видела и што можела да го замисли“.
Таа не била во болницата во вторникот вечерта за време на експлозијата, но рече дека делови од телата на децата биле расфрлани низ болницата и во дворот.
„Сите ние сме губитници во оваа војна. И тоа мора да заврши“, рече директорката, но не ги коментираше директно наводите дека загинале најмалку 500 луѓе, како што објави Министерството за здравство со кое раководи Хамас, пренесува медиумот.
„Може да биде повеќе, може и помалку. Има толку многу делови од телата што никој навистина не може да ги каже бројките“, додаде таа.
Израелската војска тврди дека не е одговорна за експлозијата и дека радарот потврдил канонада од оган од страна на палестинската исламистичка организација Исламски џихад од блиските гробишта.
Исламскиот џихад ги отфрли тврдењата на Израел.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека од почетокот на војната на 7 октомври во Газа се убиени најмалку 3.200 луѓе, а 11.000 се ранети.
Повеќе од 1.400 луѓе се убиени во Израел, од кои повеќето цивили, во првичните напади на Хамас во населбите и градовите во близина на границата со Газа, според медиумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп со порака до демонстрантите во Иран: Продолжете да протестирате, помошта доаѓа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги поддржа демонстрантите во Иран и ги повика да продолжат да протестираат.
Тој ги откажа средбите со иранските претставници и рече дека американската помош е на пат.
„Ирански патриоти, ПРОДОЛЖЕТЕ ДА ПРОТЕСТИРАТЕ – ПРЕЗЕМЕТЕ ГИ ВАШИТЕ ИНСТИТУЦИИ!!! Запишете ги имињата на убијците и насилниците. Тие ќе платат висока цена. Ги откажав сите средби со иранските претставници сè додека не престане бесмисленото убивање на демонстрантите. ПОМОШТА ДОАЃА. МИГА!!! ПРЕТСЕДАТЕЛ ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, објави тој на својот профил на социјалните мрежи Truth Social.
фото/Depositphotos
Свет
Разрешен ураинскиот министер за одбрана
Украинскиот парламент, Врховната рада, го разреши министерот за одбрана Денис Шмихал од должноста, кој треба да ја преземе функцијата министер за енергетика.
265 пратеници гласаа за одлуката, додека пратениците од Европската солидарност и дел од партијата Холос (Глас) се воздржаа, пишува Украинска правда.
Шмихал беше назначен на функцијата министер за одбрана во јули 2025 година. На 9 јануари, парламентот ги прими оставките на Шмихал и Михајло Федоров, првиот вицепремиер на Украина и министер за дигитална трансформација.
Претседателот Володимир Зеленски се сретна со Шмихал на 3 јануари и рече дека очекува парламентот да го одобри неговото назначување на позициите вицепремиер и министер за енергетика.
фото/епа
Свет
Дел од персоналот на француската амбасада го напушти Иран
Неесенцијалниот персонал во француската амбасада го напушти Иран, потврдија за агенцијата „Франс Прес“ два извори запознаени со ситуацијата.
Според нив, персоналот го напуштил Иран во текот на претходните два дена, но не беше објавено колку луѓе заминале.
„Заштитата на нашиот персонал и нашите граѓани е приоритет“, изјави за АФП функционер на француското Министерство за надворешни работи.
Истовремено, три европски земји ги повикаа иранските амбасадори на разговори во врска со репресијата на режимот врз демонстрантите во Иран.
Холандскиот министер за надворешни работи, Давид ван Вил, изјави дека го повикал иранскиот амбасадор „за формално да протестира против прекумерната употреба на сила против демонстрантите, масовните произволни апсења и исклучувањето на интернетот“. Тој додаде дека потегот е направен во координација со европските партнери.
Финска, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори. Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен изјави: „Иранскиот режим го исклучи интернетот за да може да убива и угнетува во тишина“.
Шпанската министерка за надворешни работи, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори.
Шпанското Министерство за надворешни работи побара од Техеран да ја прекине блокадата на комуникациите и да ги запре апсењата на демонстрантите.

