Свет
Сијарто: Зеленски да престане да и се заканува на Унгарија
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да „престане да ѝ се заканува на Унгарија“.
Сијарто тврди дека Зеленски го искористил вчерашниот Ден на независноста на Украина „за да упати јасни закани кон Унгарија“. Тој ја обвини Украина за „сериозни напади“ врз енергетската безбедност на Унгарија и предупреди дека „нападите врз енергетската безбедност треба да се толкуваат како напади врз суверенитетот“.
„Војна во која не сме вклучени не е легитимно објаснување за кршење на нашиот суверенитет. Го повикуваме Володимир Зеленски да престане да ѝ се заканува на Унгарија и да престане да ја загрозува нашата енергетска безбедност“, рече Сијарто.
Зеленски претходно сугерираше дека нападите врз нафтоводот „Дружба“ во Русија се директно поврзани со ставот на Унгарија за пристапувањето на Украина во Европската Унија. „Секогаш сме го поддржувале пријателството меѓу Украина и Унгарија. А сега постоењето на „Дружба“, што на украински значи пријателство, зависи од ставот на Унгарија“, рече Зеленски.
Зеленски во четвртокот потврди дека побарал од американскиот претседател Доналд Трамп да се обиде да го убеди унгарскиот премиер Виктор Орбан да не го блокира патот на Украина кон членство во ЕУ.
Унгарија во петокот беше информирана дека нафтоводот „Дружба“ на руско-белоруската граница е нападнат по трет пат за краток период. Орбан одлучи да му напише писмо на Трамп во врска со украинскиот напад врз нафтоводот „Дружба“, а Трамп одговори дека е лут поради нападот.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте не се согласува со предлозите за „европско НАТО“ без САД
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Европската Унија не треба целосно да стане независна од Соединетите Американски Држави кога станува збор за одбраната, и покрај очекувањата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп Европа да преземе поголема одговорност и да вложува повеќе средства.
Во интервју за германската агенција dpa, Руте истакна дека е „апсолутно уверен“ оти САД остануваат целосно посветени на НАТО. Тој посочи дека европските земји ќе трошат повеќе за одбраната и ќе преземат поголема улога, но нагласи дека тоа треба да се прави заеднички со САД.
Руте потсети на самитот на НАТО во Хаг, одржан во јуни, каде што сојузниците се согласија постепено да ги зголемат одбранбените трошоци на 5 отсто од БДП до 2035 година, оценувајќи го тоа како значаен надворешнополитички успех на Трамп.
Осврнувајќи се на повиците Европската Унија да се развие во „европски НАТО“, Руте изјави дека не се согласува со таквиот пристап, нагласувајќи дека НАТО и Европа не се сведуваат само на ЕУ. Тој посочи дека 23-те земји членки на ЕУ во НАТО сочинуваат околу една четвртина од економскиот капацитет на алијансата, додека „75 проценти од економскиот ефект е надвор од ЕУ“, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Норвешка, Канада и САД.
Фото: Depositphotos
Свет
Белорускиот министер за одбрана предупредува: Зборовите на Западот не се блеф
Западните земји активно се подготвуваат за евентуални воени дејствија, изјави белорускиот министер за одбрана Виктор Хрењин.
Како што рече, безбедносната ситуација во регионот може да се окарактеризира како напната и сè повеќе склона кон радикализација, што, според него, јасно се одразува во однесувањето на соседните држави на Белорусија. Хрењин истакна дека овие земји не покажуваат подготвеност да преземат мерки за намалување на воените тензии, туку, напротив, јавно зборуваат за подготовки за војна.
„Дејствијата на лидерите на соседните земји укажуваат – и тие не го кријат тоа – дека насекаде може да се чуе: „Се подготвуваме за војна“.
Тој изрази уверување дека западните земји навистина спроведуваат конкретни подготовки за можен вооружен конфликт, што, како што оцени, дополнително ја влошува целокупната безбедносна клима во Европа.
Изјавите на белорускиот министер доаѓаат во контекст на неодамнешните пораки од западните политички и воени кругови. На 11 декември, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги повика земјите-членки на Алијансата да се подготват за можна војна со Русија. Пред тоа, унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека лидерите на земјите-членки на Европската унија планираат да постигнат целосна борбена готовност до крајот на тековната деценија, потсетуваат медиумите.
Фото: депозитфотос
Свет
Пекинг санкционира 20 американски компании и 10 поединци за продажба на оружје на Тајван
Кина воведе санкции против 20 американски одбранбени компании и 10 поединци поради продажбата на оружје на Тајван, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи. Мерките вклучуваат замрзнување на нивниот имот во Кина и забрана за кинески организации и граѓани да соработуваат со нив, како и забрана за влез во земјата за санкционираните поединци.
Меѓу погодените компании се подружница на Boeing во Сент Луис, како и Northrop Grumman Systems Corporation и L3Harris Maritime Services. Санкциите следуваат откога Соединетите Американски Држави минатата недела објавија продажба на оружје на Тајван во вредност од 11,1 милијарда долари – најголемиот ваков пакет досега.
Кина оцени дека прашањето за Тајван е црвена линија во односите со САД и го повика Вашингтон да ги прекине, како што ги нарече, „опасните напори за наоружување на островот“. Пекинг го смета Тајван за дел од својата територија, а Тајпеј тврди дека има суверенитет.

