Свет
Сијарто: Не нè интересира Москва, за Украина нема место во ЕУ

Министерот за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека ставот на неговата земја не е диктиран од Москва, туку произлегува од интересите на унгарските граѓани. Тој се повика на референдум, според кој мнозинството гласачи се изјасниле против украинското членство поради загриженост за земјоделството, пазарот на труд и безбедноста.
Изјавата дојде по средбата на украинскиот претседател Володимир Зеленски со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Зеленски претходно порача дека е „чудно“ кога дури и Владимир Путин не се противи на европските интеграции на Киев, а тоа го прави Унгарија.
Сијарто возврати дека унгарската политика се креира внатрешно, а не по диктат на надворешни сили.
„Нè интересираат само нашите граѓани, а не ставовите од Москва“, рече тој.
На ова реагираше украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој оцени дека приклучувањето на Украина не претставува закана за Унгарија. Тој потсети дека унгарските земјоделци активно купуваат украинска пченица, а унгарските компании и пред војната вработувале украински работници за да го пополнат недостигот од кадар.
„Наместо препукувања преку социјалните мрежи, потребна е суштинска дискусија и прагматичен пристап. Верувам дека можеме да најдеме решенија во интерес на двата народа“, порача Сибиха.
Иако сите 27 земји-членки на ЕУ формално дале зелено светло за отворање на преговорите, Унгарија и понатаму го блокира процесот. Минатата година, Будимпешта ѝ достави на Украина листа со 11 барања поврзани со правата на малцинствата, но дел од разговорите биле стопирани поради скандал со наводна шпионажа.
Во меѓувреме, Литванија предложи преговорите да започнат технички со поддршка од 26 земји, а правно да се финализираат кога Унгарија ќе се согласи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Тројца загинати и седум лица во тешка состојба по превртување на автобус кај Сремска Митровица

Состојбата на повредените во тешката сообраќајна несреќа што се случи кај Сремска Митровица, во која животот го загубија три лица, и понатаму е сериозна, изјави денеска директорот на Општата болница во Сремска Митровица, д-р Војислав Мирниќ.
„Хоспитализирани се 39 пациенти. Од нив, седум се со потешки повреди и се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега, додека 15 пациенти се подготвени за отпуст,“ рече Мирниќ.
Тој прецизираше дека 13 пациенти од Одделението за општа хирургија и двајца од Одделението за ортопедија се во стабилна состојба и наскоро ќе бидат пуштени дома.
„Се врши дополнителна дијагностика за сите пациенти, а во наредните 48 часа очекуваме уште дел од нив да бидат подготвени за отпуст. Посетите во болницата се дозволени од 14 до 16 часот,“ додаде Мирниќ.
Во несреќата, која се случила на патот меѓу Сремска Митровица и селото Јарак, загинале три лица – две на самото место и едно во болница, од последици на тешките повреди.
Вкупно 61 патник бил прегледан во митровачката болница, а 39 лица биле задржани на лекување. Осуммина се на интензивна нега, дваесетмина на општа хирургија, а единаесетмина на ортопедија.
Еден пациент е префрлен во Ургентниот центар во Нови Сад, а друг во Белград на понатамошно лекување.
Автобусот на превозникот „Сирмиум бус“, кој превезувал работници, под засега непознати околности излетал од патот и се превртел. Возачот на автобусот, Д. К. (1955), е уапсен поради сомнение дека ја предизвикал несреќата во која загинаа три лица. Нему му е одредено задржување до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство со кривична пријава.
Свет
Хамас објави дека ќе го предаде телото на еден од своите заложници

Милитантната група Хамас вчера објави дека ќе го предаде телото на еден од своите заложници, без да го открие неговиот идентитет.
Според соопштението, Црвениот крст ќе го преземе телото од Хамас и ќе го предаде на припадниците на израелските одбранбени сили во Газа, објавува „Тајмс оф Израел“.
После тоа, телото ќе биде испратено во израелскиот институт за судска медицина „Абу Кабир“ во Тел Авив за идентификација.
Свет
Трамп: Јас сум претседател-медијатор, сакам да решавам војни

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се гледа себеси како претседател-медијатор, нагласувајќи дека неговата цел е да помага во решавањето на конфликти ширум светот.
„Јас сум претседател-медијатор. Сакам да решавам војни“, рече Трамп за време на средбата со украинскиот претседател, Володимир Зеленки, додавајќи дека моменталната ситуација (мисли на Украина) не е лесна за посредување.
„Полесно е кога луѓето се разбираат, кога се среќаваат и кога си се допаѓаат еден на друг. Не сме баш во таква ситуација“, изјави тој пред новинарите, пренесе „Гардијан“.
Трамп спомена дека досега посредувал во осум конфликти, вклучително и на Блискиот Исток, и дека тековните напори се негов „деветти случај“.
„Ова ќе биде број девет за мене. Решив осум, вклучувајќи го Блискиот Исток… Не добив Нобелова награда, и не ми е важно тоа. Важно ми е да се спасувам животи“, изјави Трамп.