Свет
Си-Ен-Ен: Роман Абрамович бил вклучен во преговорите за ослободување на Навални, се сретнал со Путин неколку часа пред да почине рускиот опозициски лидер
Разговорите за размена на затвореници во повеќе земји, што вклучуваше можно ослободување на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, беа во тек кога тој почина во затвор минатиот месец, изјавија повеќе извори за Си-Ен-Ен, додавајќи дека рускиот олигарх Роман Абрамович бил директно вклучен во преговорите.
Изворите истакнаа дека двегодишните преговори за ослободување на Навални почнале забрзано да напредуваат кога Абрамович ја посетил Москва во последните месеци.
Предлогот сè уште беше во неформална фаза и се чини дека договорот за ослободување на Навални не бил неизбежен, велат изворите.
Во почетокот на преговорите за ослободување на Навални учествуваше и поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон, соопштија повеќе извори.
Абрамович, кој е санкциониран од Западот и поголемиот дел од своето време го поминува во Обединетите Арапски Емирати, се сретнал со Хилари Клинтон кога биле формирани идеи за сложена размена во која би биле вклучени дури седум лица, вели добро информиран извор.
Абрамович одржуваше врски со Кремљ од почетокот на руската инвазија на Украина и беше клучен во раните напори да се преговара за крај на конфликтот.
Независните руски медиуми објавија дека Абрамович се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин неколку часа пред затворските власти да објават дека Навални починал во казнена колонија во Сибир на 16 февруари.
Соработничката на Навални, Марија Певчик, набргу по неговата смрт изјави дека Абрамович се приклучил на преговорите и дека тој „испорачал предлог за размена на Навални“ до Кремљ.
Певчик изјави дека Абрамовиќ дејствувал како „неформален преговарач во комуникацијата со американските и европските претставници“.
На 27 февруари, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да одговори на прашањата на новинарите за вмешаноста на Абрамович во преговорите за размена на Навални.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Убиство и самоубиство во Бјеловар, Хрватска
Во Бјеловар, Хрватска во семејна куќа се пронајдени две починати и едно тешко повредено лице, кое е префрлено во болница. Најверојатно се работи за насилна смрт, а според неофицијални информации, мажот ја убил мајката на неговата жена, а се обидел да ја убие и сопругата која е тешко повредена.
Напаѓачот, според првичните инфрормации се самоубил.
Хрватската полиција засега не ги потврдува неофицијалните информации дека се работи за убиство и самоубиство.
Полицијата дојавата ја добила околу 10 часот, а на местото се врши увид.
Европа
Премиерот Фицо уште е во животна опасност, напаѓачот призна вина
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска пред Специјализираниот кривичен суд во градот Пежинок призна вина. Состојбата на премиерот Фицо и понатаму е сериозна.
Обвинителството вчера побара притвор за 71-годишниот Цинтула поради евентуално бегство или повторување на кривичното дело. Напаѓачот беше спроведен под силно полициско обезбедување, а ниту на новинарите им беше дозволен влез во Судот.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо на 15 мај беше застрелан во градот Хандалова додека се поздравуваше со насобраниот народ. Цинтула веднаш по нападот е приведен.
Тој се соочува со обвинение за обид за убиство од одмазда, за што е предвидена казна од 25 години до доживотен затвор.
Словачките политичари изјавија дека нападот врз Фицо не е политички мотивиран.
Свет
Русија нема сила повторно да го нападне Киев, изјави Зеленски за АФП
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.
Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.
Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.
„Русите можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право“, вели Зеленски.
Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.
„Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина“, истакна Зеленски.