Свет
Си-ен-ен: Руска ракета експлодира на 500 метри од конвојот на Зеленски и Мицотакис
Руски проектил експлодирал на 500 метри од конвојот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за време на смртоносниот руски напад врз црноморскиот град Одеса, изјави за Си-ен-ен извор запознаен со ситуацијата.
Тој извор наведува дека во конвојот во кој се наоѓале двајцата лидери се почувствувала експлозија и дека се забележува облак од чад.
Пет лица загинаа, а неколку луѓе беа ранети во руското гранатирање на Одеса во средата, но ниту Зеленски ниту Мицотакис не беше повреден, соопшти украинската војска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сопругата на Зеленски и шефот на украинската дипломатија во ненадејна посета на Србија
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, заедно со првата дама на Украина, Олена Зеленска, во знак на затоплување на односите меѓу двете земји, беше во ненадејна посета на Србија, пишуваат медиумите во регионот.
Во својата прва посета на Србија од почетокот на руската агресија врз Украина во 2022 година Кулеба се состана со српскиот претседател Александар Вучиќ и новиот премиер, Милош Вучевиќ.
Во соопштението за печатот на кабинетот на премиерот по разговорите се наведува дека „Србија е посветена на почитување на меѓународното право и територијалниот интегритет на секоја земја членка на Обединетите нации, вклучително и Украина“.
Србија прогласи неутралност во однос на војната во Украина, а нејзините власти повторуваат дека Србија никому не му доставува оружје.
Посетата на Кулеба и Зеленска, кои заедно со првата дама на Србија, Тамара Вучиќ, го обиколија главниот град на Србија, наиде на критики во Москва. Рускиот медиум „РИА новости“ објави негативни коментари од читателите, кои посетата ја оценуваат „срамна“.
Свет
Се огласи новиот министер за одбрана на Путин: „Имаме хаос, ова треба итно да се реши“
Андреј Белоусов, изненадувачкиот избор на претседателот Владимир Путин за нов министер за одбрана на Русија, денес рече дека на војниците им треба подобар пристап до домување, болници и социјална помош.
Белоусов, економист кој претходно беше вицепремиер, ја истакна потребата од подобра грижа за руските војници во своето прво обраќање што се случи пред парламентарната комисија откога Путин во неделата го назначи да го замени Сергеј Шојгу.
Државните медиуми ја цитираа неговата изјава дека има премногу бирократија во врска со исплата на бенефиции за воениот персонал. Посочи и на проблеми со сместувањето и лекувањето.
„Мислам дека е хаос кога учесниците на специјалната воена операција, кои се враќаат, ги праќаат во болници, кои често, едноставно, се преполни. Ова прашање треба да се реши“, рече Белоусов.
Коментарите на Белоусов, кој нема воено искуство, се чини дека имаат цел да им покажат на членовите на вооружените сили дека ги разбира нивните грижи и дека ќе работи на подобрување на нивните услови.
Тој се обрати пред комисијата за одбрана и безбедност на горниот дом на парламентот како дел од процесот на потврдување на новиот состав на владата откако петтиот претседателски мандат на Путин почна на почетокот на овој месец.
Свет
(Видео) Украина: Руси планирале терористички напад во Киев
Агенти на руската разузнавачка служба планирале серија терористички напади во Киев, каде што поставиле експлозивни направи во продавниците на познат синџир и во близина на кафуле, објавија украинските обвинители и тајната служба СБУ.
Според истрагата, осомничените требало да постават експлозивни направи во три трговски центри во главниот град и во автомобил паркиран до популарно кафуле во Киев, а потоа планирале да ги активираат.
Акцијата за апсење била извршена на паркингот на трговскиот центар, каде што осомничените планирале да го подметнат последниот експлозив. На двајцата осомничени им е одреден притвор.
Сите 15 експлозивни направи, кои биле маскирани како прехранбени производи, биле откриени и навреме неутрализирани од органите на редот, се додава.
Според контраразузнавачката служба на СБУ, организатор на терористичките напади бил Јуриј Сизов, вработен во руските специјални служби, кој служи во воената единица #92154.
Наводно тој лично им давал инструкции на агентите, па дури и снимал видеоинструкции за поставување експлозивна направа во една од продавниците на истиот синџир во московскиот регион, наведува СБУ.
Тие исто така велат дека Сизов бил одговорен и за извршување саботажа во Украина, што требало да се случи во регионот Лавов во февруари 2024 година. Тогаш СБУ исто така ги спречила експлозиите.