Свет
Советот на ЕУ: Авиокомпаниите се обврзани да достават податоци за патниците пред да влезат во ЕУ
Советот на ЕУ денеска ги усвои регулативите, кои предвидуваат дека авиокомпаниите мора да достават информации за патниците, како што се патни документи, информации за летот и багажот, до надлежните органи пред да стигнат до надворешните граници на ЕУ.
Како што се наведува во соопштението, Советот на ЕУ денеска даде зелено светло за две регулативи, кои ја зајакнуваат безбедноста на границите на ЕУ и ја подобруваат борбата против тероризмот и тешките криминали. Овие прописи воспоставуваат рамка за пренос и собирање информации однапред за патниците.
„Не можеме да си дозволиме никакви слепи точки за патниците што доаѓаат во ЕУ. Благодарение на законите усвоени денеска, органите на прогонот и граничарите однапред ќе добиваат попрецизни и навремени информации за сите патници на летовите кон ЕУ“, изјави унгарскиот министер за внатрешни работи, Шандор Пинтер.
Според новата регулатива за собирање и однапред пренесување информации за патниците, авиокомпаниите се обврзани да ги префрлаат информациите за патниците, вклучувајќи информации за патните документи, детали за летот и информации за багажот, до релевантните органи пред патниците да стигнат до надворешните граници на ЕУ.
Со ова, како што се наведува во соопштението, се гарантира дека надлежните органи може однапред да вршат проверки, да ги проценат потенцијалните безбедносни ризици и ефикасно да управуваат со нив. Тоа исто така овозможува полесна контрола на границите и обезбедува однапред да се преземат неопходните активности за обезбедување на надворешните граници на ЕУ.
Како што е наведено понатаму, регулативата за користење однапред информации за патниците за спроведување на законот ќе го поддржат спречувањето, откривањето и гонењето на тероризмот и тешките кривични дела. Ова, како што се објаснува, ќе се постигне со поврзување на податоците на API со податоците за патниците овозможувајќи им на властите да ги следат криминалните активности и да го спречат движењето на криминалците и терористите преку границите на ЕУ.
Ќе се воспостави централизиран систем (рутер) за пренос на податоци за да се обезбеди попрецизна размена на податоци и да се намали административниот товар. Авиокомпаниите ќе мора да користат автоматизирани системи за пренос на податоци API со преоден период за рачно собирање податоци доколку е потребно, пренесува „Танјуг“.
Така, новата регулатива ќе ја замени директивата за информирање однапред за патниците и ќе стапи во сила 20 дена по нејзиното објавување во „Службениот весник“ на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.

