Свет
Сопругата на Нетанјаху се спогоди – ќе плати 15.000 долари казна за нелегална испорака на храна

Сопругата на израелскиот премиер, Сара Нетанјаху, потпишала договор со државните обвинители за признавање на вината во случајот за илегална испорака на јадења.
Со тоа таа избегна обвинение за измама, но признала помал престап и ќе плати 15.000 долари, вклучително и 10.000 долари казна, а останатото ќе биде вратено на државата, пренесуваат израелските медиуми.
Пред една година таа и еден вработен во резиденцијата беа обвинети за измама и злоупотреба зашто потрошиле 100.000 долари државни пари за јадења од скапи ресторани иако во резиденцијата има готвач. Во тој случај не е дозволена испорака на јадења.
Тие наводно лажно претставувале присуство на готвач од септември 2010 до март 2013 година, со цел за порачките да плаќаат со државни пари. Нејзиниот соработник Езра Саидоф ќе плати казна од 2.765 долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кинезите се горд народ, вели Трамп, но уверен е оти сакаат да постигнат договор

САД гледаат „огромен ентузијазам од други земји, вклучувајќи ја и Кина,“ изјави претседателот Доналд Трамп попладнево, по објавата за 90-дневна пауза на сите, како што ги нарекува, реципрочни царини, со исклучок на Кина, за која царините ќе се зголемат на 125 отсто.
„Кина сака да направи договор. Тие само не знаат точно како да пристапат. Знаете, тоа е една од тие работи – не знаат точно… Тие се горд народ“ им рече тој на новинарите за време на настан во Белата куќа, пренесе „Си-ен-ен“.
„А и претседателот Си е горд човек. Го познавам многу добро, и тие не знаат баш како да пристапат. Но ќе го разберат тоа. Во процес се на разбирање, но сакаат да постигнат договор.“
САД во првичната објава ја зголемија царината за Кина на 104 отсто, по што Кина брзо одговори со објавување на царина од 84 отсто за увозот од САД.
Претходно денес, Трамп ги стопира царините на 90 дена за сите освен за Кина, за која ги зголеми на 125 отсто. Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, изјави дека објавата на претседателот Доналд Трамп за зголемување на царините за Кина на 125 отсто е поради нивното инсистирање на ескалација. Зголемувањето на царината од страна на Кина, тој го нарече автогол.
Свет
Зеленски: 155 Кинези се борат за Русија; Пекинг: Toa се неосновани тврдења

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека разузнавачката служба на неговата земја има информации за 155 кинески државјани кои се борат на страната на Русија против Украина, додека Пекинг ги негира таквите тврдења.
Зеленски им рече на новинарите во Киев дека Русија регрутира кинески граѓани преку социјалните мрежи и дека кинеските власти знаат за тоа. Украина, рече Зеленски, се обидува да утврди дали регрутите добиле инструкции од Пекинг.
Пекинг ги отфрли обвинувањата на Киев дека голем број Кинези се борат на страната на Русија во војната во Украина, велејќи дека обвинувањата се неосновани.
Вчера Зеленски извести за фаќање на двајца кинески државјани кои се бореле како дел од руската армија на истокот на Украина.
Тој ја обвини Кина дека воено ја поддржува Русија, која ја нападна неговата земја во февруари 2022 година, и побара објаснување од Пекинг. Кина, сепак, возвраќа дека овие тврдења се целосно неосновани.
„Позицијата на Кина за украинската криза е јасна и недвосмислена, таа беше препознаена од меѓународната заедница“, изјави Лин Џианг, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи на редовната прес-конференција денеска.
Во врска со фаќањето на двајца кинески државјани, портпаролот рече дека Кина во моментов ја проверува оваа информација со украинската страна. Тој, исто така, посочи дека кинеската влада бара од своите граѓани да се држат настрана од областите каде што се водат вооружени конфликти, да избегнуваат да бидат вклучени во каков било вооружен конфликт, а особено да избегнуваат учество во воените операции на која било страна.
Лиан Џианг смета дека Украина треба да ја цени конструктивната улога на Кина во изнаоѓањето политичко решение за украинската криза.
Кремљ одби воопшто да ги коментира украинските наводи. Сепак, Зеленски смета дека Кина, по Иран и Северна Кореја, е третата земја која воено и помага на Русија.
Иако Кина го поддржува територијалниот интегритет на Украина, таа не ја осуди руската инвазија на таа земја.
Свет
Зголемувањето на царините е автогол од страна на Кина, вели министерот на Трамп

Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, изјави дека објавата на претседателот Доналд Трамп за зголемување на царините за Кина на 125 отсто е поради нивното инсистирање на ескалација.
„Како што постојано велам, а и претседателот Трамп повторува со години, Кина е најнеурамнотежената економија во историјата на современиот свет, и тие се најголемиот извор на трговските проблеми на САД. А всушност, тие се проблем и за остатокот од светот, затоа што она што го видовме е дека, откако САД ја објавија царинската бариера минатата недела, многу од тие производи веќе почнаа да навлегуваат во Европа,“ рече Бесент.
Сепак, министерот за финансии инсистираше дека САД не се вклучени во трговска војна, и покрај растечката несигурност додека Кина и САД си наметнуваат сè повисоки царини едни на други.
„Јас не го нарекувам тоа трговска војна, но велам дека Кина ја ескалираше ситуацијата, а претседателот Трамп многу храбро одговори на тоа, и ќе работиме на решение со нашите трговски партнери,“ рече Бесент.
Тој посочи на тековните преговори со други земји, вклучувајќи ги Виетнам, Јапонија, Јужна Кореја и Индија.
Зголемувањето на царините го нарече автогол од страна на Кина.
САД претходно ја зголемија царината за Кина на 104 отсто, по што Кина брзо одговори со објавување на царина од 84 отсто за увозот од САД.
Претходно денес, Трамп ги стопира царините на 90 дена за сите освен за Кина, за која ги зголеми на 125 отсто.