Свет
Столтенберг ги скрши надежите на Зеленски: Украина ќе стане членка на НАТО, но во иднина
Земјите членки на НАТО на самитот на алијансата во Вилнус јасно ќе кажат дека Украина во иднина може да стане членка на воената алијанса, изјави денеска генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг.
Столтенберг, по пристигнувањето на самитот, посочи дека очекува сојузниците да испратат јасна, обединета и позитивна порака за патот кон членството на Украина во НАТО.
Тој рече дека очекува договорот на земјите од НАТО да го отстрани усвојувањето на акцискиот план за членство (МАП) како услов за влез на Украина во алијансата.
Со тоа, како што истакна, приемот на Украина во НАТО би се одвивал во еден наместо во два чекора. Столтенберг оцени дека рускиот претседател Владимир Путин направил три стратешки грешки кога ја нападнал Украина.
Првата грешка, според него, е што ги потцени Украинците, втората што го потцени единството на НАТО и третата што ги потцени политичките последици од таа агресија.
Столтенберг рече и дека НАТО не гледа промена во нуклеарниот став на Русија и покрај тоа што ќе распореди нуклеарно оружје на почвата на Белорусија и оцени дека „нуклеарната реторика на Русија е невнимателна и опасна“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нетанјаху се закани дека ќе го одложи прекинот на огнот во Газа: „Сакаме списоци со заложници“
Израел нема да го продолжи процесот на запирање на војната во Газа додека не добие список од триесет и тројцата заложници кои Хамас треба да ги ослободи во првата фаза од договорот, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Нема да продолжиме со договорот додека не добиеме список на заложниците кои ќе бидат ослободени, како што е договорено. Израел нема да толерира никакво прекршување на договорот. Одговорноста е на Хамас“, рече Нетанјаху.
Израелската влада го одобри договорот со палестинската милитантна група Хамас за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Појасот Газа, објави кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, еден ден пред да стапи на сила договорот.
Во раните утрински часови, по седницата која траеше повеќе од шест часа, владата го ратификуваше договорот што може да го отвори патот за крај на 15-месечната војна во палестинската енклава под контрола на Хамас.
Египет, еден од посредниците за постигнување прекин на огнот, денеска објави дека Израел во првата фаза ќе ослободи 1.890 палестински затвореници во замена за 33 израелски заложници кои ги држеше Хамас.
Шестнеделниот прекин на огнот треба да стапи во сила утре, кога ќе се одржи првата од серијата размени.
Свет
Русија: Претензиите на Украина и Велика Британија за Азовското Море ќе бидат остро потиснати
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека сите претензии на Украина и Велика Британија за Азовското Море ќе бидат остро потиснати.
Како што наведе таа, зад договорот за стогодишно партнерство стои желбата на Лондон да се зацврсти во Балтичкото, Црното и Азовското Море.
Според неа, документот опфаќа различни области – трговија, наука, енергетика и други, како и одредби поврзани со одбраната, пренесува ТАСС.
„Страните конкретно се согласија да воспостават партнерство во областа на поморската безбедност, вклучително и со цел зајакнување на безбедноста на Балтичкото, Црното и Азовското Море. Зад ова може да се види долгогодишната желба на Лондон да се консолидира во овие води“, истакна Захарова.
Додаде дека на Киев, и покрај сите негови геополитички претензии, му била доделена само „второстепена улога“.
Договорот за стогодишно партнерство меѓу Велика Британија и Украина беше потпишан за време на посетата на британскиот премиер Кир Стармер на Киев во четвртокот.
„Фајненшл тајмс“ пред посетата објави дека договорот ќе и овозможи на Британија да ископува минерали во Украина.
Според украинските власти, потпишаниот договор конкретно предвидува годишна воена помош за Киев во износ од најмалку 3,6 милијарди долари, инвестиции во украинското воено производство, вклучувајќи беспилотни летала и артилерија, создавање специјални заеднички флотили и размена на технологии.
Свет
Лидерот на Хезболах: Договорот за прекин на огнот во Газа ја покажува истрајноста на отпорот
Лидерот на Хезболах, Наим Касем, им честиташе на Палестинците за договорот за прекин на огнот во Газа, велејќи дека тоа е доказ за истрајноста на отпорот против Израел.
Тоа беше прва јавна изјава на водачот на либанската милитантна група поддржана од Иран откако Израел и Хамас постигнаа договор во средата.
„Овој договор, кој остана непроменет од она што беше предложено во мај 2024 година, ја докажува упорноста на групите на отпорот, кои го земаа она што го сакаа, додека Израел не можеше да го преземе она што го бараше“, рече тој.
Израел и Хезболах се согласија на прекин на огнот во конфликтот паралелен со војната во Газа во ноември. Прекинот на огнот, постигнат со посредство на САД и Франција, бараше израелските сили да се повлечат од јужен Либан во рок од 60 дена и Хезболах да ги отстрани сите борци и оружје од југот.