Свет
Коронавирусот можеби почнал да се шири уште во август 2019, вели една студија
Според сателитските снимки од болничките паркинзи во Вухан, како и трендовите на пребарување на интернет, коронавирусот во Кина можеби почнал да се шири уште во август минатата година, според новата студија на Медицинскиот факултет на „Харвард“.
Истражувањето, кое засега не е рецензирано, покажа дека имало значително повеќе автомобили на паркинзите на пет болници во Вухан кон крајот на летото и есента 2019 година отколку во претходната година. Дополнително, кинескиот пребарувач „Баиду“ во тој период забележал зголемен број пребарувања за клучни зборови поврзани со заразни заболувања, пишува Си-ен-ен.
Користејќи снимки од октомври 2018 година, научниците изброиле 171 автомобил на паркинзите на една од најголемите болници во Вухан – „Тјанју“. Според сателитските снимки, една година подоцна на истите паркиралишта имало 285 возила, што претставува зголемување од 67 отсто, а кај некои болници има пораст и до 90 отсто.
„Во некои болници во есента и зимата 2019 година се евидентирани денови на висок релативен волумен на пополнетост на паркинзите. Меѓутоа, помеѓу септември и октомври 2019 година, пет од шесте болници имале најголем релативен дневен обем на анализирани серии, што се совпаѓа со зголемениот степен на пребарување на ‘Баиду’ за термините ‘пролив’ и ‘кашлица’“, напишале научниците во студијата.
Употребата на „проверени текови на податоци“ за да се следат појавата и ширењето на респираторните заболувања не е нова, а оваа техника ја користат и разузнавачките агенции.
„Идејата е дека пополнетоста на болничките паркинзи или протекот на пациенти може да се користат како релативен показател за нешто што се случува во популацијата“, рече Џон Браунстин од детската болница во Бостон.
„Пред неколку години објавивме труд за тоа како се полнат местата за паркирање за време на сезоната на грип и се зголемува протекот на пациенти во болниците во Латинска Америка. Може да ја предвидите сезоната на грип само со тоа што ќе ја видите пополнетоста на паркинзите“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.
Регион
Во Будва уловена сина ајкула тешка 200 килограми
Сина ајкула долга повеќе од три метри и тешка 200 килограми е уловена во Будва.
Уловите на сина ајкула од минатите години покажуваат дека овој вид ајкула најчесто се среќава во Јадранското Море на пролет.
Рајко Бојановиќ, член на спортскиот риболов клуб „Ширун“, улови ајкула и рече дека ќе биде препарирана во Природонаучниот музеј на Црна Гора, а изложбата е планирана за септември.
Европа
Напаѓачот на Фицо доби мерка притвор за да не побегне и да не го повтори делото
Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување денеска му одреди притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула, кој на 15 мај годинава во градот Хандлова со пет истрели го застрела премиерот Роберт Фицо и тешко го рани во стомакот.
Притворот за осомничениот е побаран поради опасност да не избега или да го повтори делото.
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска призна вина.
Адвокатите предупредија дека признавањето на вината е спорно, бидејќи Цинтула веднаш по атентатот и апсењето бил сослушан во шок, без присуство на адвокат.