Свет
Супертајфун се движи кон Филипините, илјадници евакуирани
Филипините денеска ја прекинаа работата и наставата низ областа Манила и поголемиот дел од земјата, бидејќи супертајфунот „Рагаса“ се приближува кон северен Лузон, најголемиот остров во земјата. Се очекува „Рагаса“ да донесе силни ветрови и обилни дождови.
Националните метеоролошки служби го кренаа степенот на тревога на оддалечените острови Бабујан на највисоко ниво и ги повикаа жителите на ниските и крајбрежните области да се евакуираат поради можноста од бури и поплави.
„Рагаса“ носи максимални ветрови од 205 километри на час и налети до 250 километри на час. Се предвидува дека тајфунот ќе стигне до копно или ќе помине покрај островите Бабујан околу пладне пред да го премине теснецот Лузон.
Тајванските власти издадоа копнени и морски предупредувања и ги откажаа летовите до источните градови, вклучувајќи ги Тајтунг и Хуалиен.
Закана и за Хонг Конг
Според прогнозите, бурата потоа ќе го погоди Хонг Конг додека се движи кон јужниот брег на Кина. „Блумберг њуз“ објави дека властите во финансискиот центар ги предупредиле жителите да се подготват за еден од најсилните тајфуни во последните години и размислуваат да го затворат аеродромот 36 часа.
Филипинските метеоролози предупредија на можни масовни прекини на електричната енергија, лизгање на земјиштето и опасни услови на морето, бидејќи надворешните појаси на бурата веќе го погодуваат северниот дел на Лузон. Авиокомпаниите откажаа повеќе од десетина домашни летови, главно на линиите до Лузон, додека пристаништата ги прекинаа услугите со фериботи.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

