Свет
„Твитер“ ги забрани политичките реклами

Компанијата „Твитер“ денеска соопшти дека ќе ги забрани сите видови политичко огласување на оваа социјална мрежа во светот. Извршниот директор на компанијата, Џек Дорси, на „Твитер“ наведе дека досегот на таквите пораки треба да биде заслужен, а не купен, пренесува Би-би-си.
Тој додаде дека одлуката за забрана на политичко огласување ќе стапи во сила на 22 ноември и дека ќе важи за сите изборни огласи, како и за огласите што се поврзани со политички прашања, наведува „Гардијан“.
„Иако огласувањето на интернет е неверојатно моќно и многу ефикасно за комерцијалните огласувачи, таа моќ донесува значајни ризици за политиката“, наведува Дорси.
Најновиот потег на „Твитер“ е во целосна спротивност со одлуката на ривалската социјална мрежа „Фејсбук“, која претходно овој месец соопшти дека нема да проверува, ниту отстранува огласи што ги објавуваат политичарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Шпигел“: Трамп се заканува со бојкот на самитот на НАТО поради распределбата на средствата за одбрана

Германското списание „Шпигел“ објави, повикувајќи се на европски дипломатски извори, дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да отсуствува од претстојниот самит на НАТО доколку другите членки на алијансата не преземат конкретни чекори во врска со распределбата на средствата за одбрана.
Германија, која е особено ранлива на притисок, се соочува со барања за значително зголемување на трошоците за одбрана, според Ројтерс.
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, минатата недела разговарал за ова прашање со германскиот министер за одбрана Борис Писториус, според извештајот, пренесува Танјуг.
Свет
Кина ја разгледува понудата на САД за разговори за царините: „Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите“

Пекинг ја разгледува понудата на Вашингтон за разговори за царините од 145 проценти што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти кинеското Министерство за трговија, предупредувајќи ги САД дека мора да покажат дека нивните намери се „искрени“.
Министерството за трговија во Пекинг објави дека САД се обратиле до Кина за да побараат разговори за царините на Трамп и дека вратата на Пекинг е отворена за дискусии, објави Ројтерс.
„САД неодамна презедоа иницијатива во неколку наврати да достават информации до Кина преку релевантните страни, велејќи дека се надеваат на разговори со Кина. Обидот да се искористат разговорите како изговор за принуда и изнуда би пропаднал“, се истакнува во соопштението.
Кинеското министерство додаде дека САД треба да ги исправат „погрешните“ постапки и да го откажат воведувањето на еднострани царини, како и дека Вашингтон мора да покаже „искреност“ во преговорите.
Кина состави список на американски производи што би ги исклучила од одмаздничките царини од 125 проценти, вклучувајќи одредени фармацевтски производи, микрочипови и млазни мотори.
Во исто време, американските претставници, вклучувајќи го и секретарот за финансии Скот Бесант и економскиот советник на Белата куќа Кевин Хасет, исто така изјавија дека се надеваат на напредок во ублажувањето на трговските тензии.
„Уверен сум дека Кинезите ќе сакаат да постигнат договор. И како што реков, ова ќе биде процес во повеќе чекори. Прво, мора да ја деескалираме ситуацијата, а потоа, ќе почнеме да се фокусираме на поголем трговски договор“, рече Бесент во интервју за „Фокс бизнис нетворк“.
Во средаta, Трамп изјави дека верува оти постои „многу добра шанса“ неговата администрација да постигне договор со Кина, неколку часа откако кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за да се прилагодат на промените во меѓународната средина, без да ги спомене САД.
Свет
Разузнавачки служби: Целите на Путин се променија

Нови разузнавачки информации споделени од американски и западни претставници сугерираат дека рускиот претседател Владимир Путин го префрлил својот непосреден фокус во војната против Украина на краткорочни цели. Ова е првенствено за да се консолидира контролата врз територијата што руските сили веќе ја зазедоа и да се зајакне руската економија, која се бори со сериозни тешкотии, изјавија за Си-Ен-Ен повеќе извори запознаени со содржината на разузнавачките извештаи.
Ова претставува пресврт од претходните проценки на американските и западните разузнавачки служби, кои сугерираа дека Путин верува оти ситуацијата на бојното поле е во негова корист, односно дека има и моментум и човечка сила за долготрајна војна против ослабената Украина, со цел да ја освои целата земја.
Перцепцијата дека Путин можеби се предомислил се совпаѓа со верувањето на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите преговарачи дека рускиот претседател сега можеби е поподготвен да разгледа мировен договор отколку порано, изјавија за Си-Ен-Ен два американски извори запознаени со разговорите.
Но, високи американски претставници остануваат скептични кон тврдењата на Путин за време на преговорите дека сака мировен договор, иако предлогот на САД е во голема мера во корист на Русија и вклучува признавање на поголемиот дел од територијата што ја зазеде.
Општо е прифатено дека дури и ако Москва се согласи со сегашната верзија на договорот, подоцна може да се обиде да ја обнови војната и да се обиде да заземе повеќе украинска територија.
„Мислам дека сега размислува, не би рекол поскромно, но во однос на поразумни, поблиски цели“, рече еден висок западен разузнавачки службеник.
Притисокот од администрацијата на Трамп, која сè повеќе се заканува со дополнителни санкции, и руската економска криза би можеле да го доведат Путин во тешка позиција. Во исто време, преговорите силно ја нагласуваат можноста за големи американско-руски инвестиции доколку војната заврши, што САД го опишуваат како „историска можност“.
„Сè зависи од тоа што САД ќе донесат на маса, така што не само што ќе ја прикажат победата дома, туку и навистина ќе почувствуваат дека постигнале нешто доволно големо за да оправдаат значајна пауза, а можеби и еден ден повторно да го започнат конфликтот“, рече истиот висок разузнавачки функционер, пренесува медиумотг.
Изворот истакна дека Путин често ги споменува регионите од кои „потекнува рускиот народ“.
Висок европски функционер се согласува дека Москва во моментов е подготвена да „ја игра играта“ и привремено да ги ограничи своите цели со цел да ги подобри односите со Вашингтон, но предупреди: „Јасно е дека тие не се откажале од своите максималистички воени цели“.
„Кремљ се надева дека подобрите односи ќе го одвлечат вниманието од војната, по тактичка пауза, и дека потоа ќе може да ги постигне целите на Путин преку комбинација од воена сила, економски притисок, информативна пропаганда и политичко влијание – не само во Украина, туку и пошироко“, рече истиот европски функционер.
Порано оваа година, американските разузнавачки служби ги предупредија сегашните советници на Трамп дека контролата врз Украина останува главен приоритет на Путин, веднаш по опстанокот на неговиот сопствен режим. Тие, исто така, предупредија дека рускиот лидер ќе се обиде да го искористи секој знак дека новата администрација брза кон преговори, изјави извор запознаен со разговорите.
„Путин се предомисли бидејќи верува дека од другата страна е американски претседател кој не знае што прави и кој е фокусиран на брзи победи“, рече демократскиот конгресмен Џејсон Кроу, член на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом.
„Путин верува дека може да се постигне договор кој едноставно нема да се спроведе“, додаде Кроу.