Свет
Тедрос: Пандемијата нема да се доведе до крај додека не заврши во целиот свет

Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аденон Гебрјесус, изјави дека пандемијата на Ковид-19 е далеку од завршена.
„Ги имаме сите алатки што ни се потребни. Сепак, светот не ги искористи добро. Со речиси 50.000 смртни случаи неделно, пандемијата е далеку од завршена. А ова се само пријавени смртни случаи“, рече Тедрос на Светскиот здравствен самит во Берлин.
Тој додаде дека СЗО си поставила цел до крајот на оваа година да вакцинира 40 отсто од населението во секоја земја во светот.
„Таа цел е остварлива, но само ако државите и компаниите што ги контролираат набавките ги усогласат своите изјави со делата. Има неколку работи што предлагам да ги направиме. Земјите што веќе достигнаа 40 отсто вакцинирани, вклучувајќи ги сите земји од Г20, мора да го отстапат своето место во редот за испорака на вакцината“, додаде тој.
Тедрос нагласи дека производителите мора да дадат приоритет и итно да ги исполнат своите договори со програмата „Ковакс“ (глобална програма за рамномерна дистрибуција на вакцини во целиот свет) додавајќи дека мора да има поголема транспарентност.
„Пандемијата нема да се доведе до крај додека не заврши во целиот свет“, предупреди директорот на СЗО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.