Свет
Трамп: Австралија, конечно, се согласи повторно да увезува величествено американско говедско месо
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека Австралија, по многу години, конечно се согласи повторно да увезува американско говедско месо оценувајќи го како „неоспорен доказ дека американското говедско месо е најбезбедно и најдобро во светот“ и предупредувајќи ги другите земји што сè уште го одбиваат.
„По многу години, Австралија се согласи да прифати американско говедско месо! Долго време, и иако сме добри пријатели, тие всушност го забранија нашето говедско месо. Другите земји, кои го одбиваат нашето величествено говедско месо, се предупредени“, рече Трамп на мрежата „Тру соушал“.
Тој додаде дека американските сточари се „меѓу највредните и најпрекрасни луѓе“ и рече дека ова е „златната доба на Америка“. Австралија вчера објави дека ги олабавува правилата за биолошка безбедност и дозволува поширок увоз на американско говедско месо, вклучително и месо од говеда од Канада и од Мексико, но одгледувано и колено во САД.
Таа промена е резултат на повеќегодишна процена на системите за следење и контрола на добитокот во САД, соопшти австралиското Министерство за земјоделство. Иако Трамп и неговите соработници ја истакнуваат оваа одлука како важен трговски успех, австралиските власти тврдат дека таа не е резултат на билатерални трговски преговори.
„Не го направивме ова за да ги привлечеме Американците кон трговски договор. Сметаме дека тие сепак треба да го сторат тоа“, рече австралискиот министер за трговија, Дон Фарел. Одлуката предизвика загриженост кај дел од австралиската опозиција.
Министерот за земјоделство во сенка, Дејвид Литлпрауд, предупреди дека тоа би можело да ги прекрши строгите стандарди за биолошка безбедност на Австралија. „Треба да знаеме дали владата ги жртвувала нашите стандарди само за премиерот Албанезе да може да се сретне со претседателот Трамп“, рече тој, објави „Ројтерс“.
Аналитичарите проценуваат дека ефектот врз извозот би можел да биде симболичен бидејќи самата Австралија е еден од водечките светски извозници на говедско месо по пониски цени од САД.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

