Свет
Трамп доби закана: Сатано, нема да успееш
Претседателот на иранскиот парламент одговори на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп, велејќи дека сите американски бази и сили ќе бидат легитимни цели ако САД го нападнат Иран.
Реагирајќи на коментарите на Трамп за неодамнешните настани во Иран, Мохамед-Багер Галибаф нагласи дека земјата ќе ги разочара своите непријатели како и секогаш, додавајќи дека иранската влада „дозволила мирни протести“ од страна на трговците и сопствениците на продавници.
„Сатаната го крена гласот бидејќи напорите на (странските) разузнавачки оперативци да ги претворат легитимните протести на трговците и сопствениците на продавници во насилни и вооружени битки не успеаја поради будноста на искусната иранска нација“.
„Низ историјата, иранската нација разочарала многу поискусни и професионални непријатели од овие. Никогаш нема да ги гледаме демонстрантите како странски платеници и ќе го прифатиме нашиот сакан народ“, додаде тој.
„Исто така, неучтивиот американски претседател треба да знае дека со ова официјално признание, сите американски бази и сили во целиот регион ќе бидат наша легитимна цел како одговор на секоја потенцијална авантура. Знајте дека Иранците се обединети и решени да дејствуваат против странскиот непријател“, подвлече Галибаф.
Медиумите потсетуваат дека најмалку седум лица загинаа во насилството досега за време на протестите што избувнаа во Техеран, но се проширија низ целата земја.
Илјадници луѓе излегоа на улиците, а протестите полека прераснуваат во општо незадоволство кај граѓаните на Иран.
Трамо претходно напиша на својата страница „Truth Social“ дека „доколку Иран пука и брутално убие мирни демонстранти“, САД се подготвени да им помогнат на демонстрантите.
„Ние сме вооружени и подготвени за акција“, рече американскиот претседател, но не даде дополнителни детали.
Високиот ирански безбедносен функционер Али Лариџани ги обвини САД и Израел за поттикнување протести во Иран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

