Свет
Трамп до Зеленски: Украина ќе биде уништена ако не склучи договор со Русија
За време на разговорот одржан на 17 октомври во Белата куќа, претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, го предупреди својот украински колега Володимир Зеленски дека Украина ќе биде уништена ако не постигне договор со Русија, објави „Ројтерс“ повикувајќи се на извори од Вашингтон.
„Вашата земја ќе се замрзне и ќе биде уништена ако не склучите договор со Русија“, се вели во пораката што, според соговорниците на агенцијата, Трамп ја изговорил за време на состанокот.
Иако некои извори негираа дека американскиот претседател буквално го предвидел уништувањето на Украина, тие потврдија дека тој користел остар јазик за време на состанокот и дека атмосферата била напната, пренесуваат медиумите. Според „Аксиос“, Трамп нагло го прекинал разговорот заклучувајќи: „Ќе видиме што ќе се случи следната недела“.
Според „Политико“, причината за ненадејното заострување на тонот на Трамп лежи во телефонскиот разговор што претходно го имал со рускиот претседател Владимир Путин.
„Се чини дека Путин повторно го промени мислењето на претседателот Трамп за Украина со еден повик“, изјави еден од американските функционери за оваа публикација.
По тој разговор, Трамп наводно го променил својот фокус: наместо да разговара за можната испорака на американски крстосувачки ракетитомахавк“ на Украина, тој почнал да инсистира дека Киев мора да направи територијални отстапки за да се стави крај на конфликтот.
Според „Вашингтон пост“, специјалниот пратеник на Белата куќа, Стивен Виткоф, го замолил Зеленски да направи отстапки кон Москва во врска со територијата на Донецката Народна Република. Самиот Зеленски подоцна потврдил дека имало разговор на таа тема наведувајќи дека дури и било споменато повлекувањето на украинските сили од одредени региони.
Според извори на „Политико“, Трамп предложил „замрзнување на конфликтот на сегашната фронтова линија“ како начин за завршување на конфликтот. Зеленски го отфрлил овој предлог по што американскиот претседател го завршил состанокот без конкретен резултат.
Украинската делегација, која пристигнала во Вашингтон во рекорден состав – со неколку министри и високи функционери – не успеала да потпише ниеден од очекуваните договори со американската влада и приватниот сектор. Соговорниците на „Политико“ проценуваат дека Киев, инсистирајќи на испорака на ракети „томахавк“, ја пропуштил можноста да добие модерни ракети воздух-воздух за ловците „Ф-16“ и системи „Патриот“.
„Украина, со прекумерно фокусирање на едно прашање, изгубила простор за маневрирање и во други клучни области – од конфискација на руски средства до американски испораки на гас“, изјавил извор од Републиканската партија.
Европејците ја менуваат својата стратегија
Според „Фајненшл тајмс“, европските претставници сега бргу подготвуваат планови за непредвидени ситуации за Украина обидувајќи се да ги приспособат политиките за поддршка на исходот од средбата на Трамп со Зеленски.
Европската Унија размислува за проширување на финансиската помош за Киев преку заеми обезбедени со замрзнати руски средства, како и за подготовки за претстојната средба меѓу Трамп и Путин во Будимпешта.
Сепак, во Брисел веќе постои вознемиреност поради оваа средба. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, оцени дека претстојниот самит не е многу пријатен настан и повика на забрзана работа на новиот пакет санкции против Русија.
Додека „Ројтерс“ се повикува на извори блиски до Белата куќа, кои тврдат дека Трамп никогаш не спомнал трансфер на територија, други американски медиуми истакнуваат дека украинските и европските претставници останале во целосен информативен мрак по средбата.
Сепак, сите се согласуваат за едно – средбата во Белата куќа не донесе никакви конкретни резултати и само го продлабочи впечатокот дека американската политика кон Украина – под влијание на Москва – е во фаза на сериозни промени.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.

