Свет
Трамп жесток откако стана трет отповикан претседател: Ова е самоубиствен марш за демократите
Американскиот претседател Доналд Трамп ја нарече одлуката на Претставничкиот дом на Конгресот, кој изгласа негов импичмент, „самоубиствен марш“ за демократската партија, во говорот што траеше два часа на митинг во Мичиген.
„Лудите демократи на Ненси Пелоси се обележаа со вечен жиг на срамот“, рече Трамп на собирот во Мичиген, каде застана на сцената само неколку минути пред да стане третиот претседател во 243-годишната историја на САД кој ќе соочи со судење во Сенатот и потенцијално разрешување, пренесува „Ројтерс“.
Трамп на „Твитер“ вчера напиша 45 објави во текот на утрото пред да се одржи гласањето за негово отповикување.
Иако Белата куќа инсистираше на тоа дека претседателот ќе биде презафатен за да се фокусира на она што се случува на Конгресот, Трамп го мина целото попладне коментирајќи го процесот за импичмент преку твитови и ретвитови, пренесе АП.
„Може ли да поверувате дека денес сум на тапет кај радикалната левица, демократите кои не работат ништо, а јас немам направено ништо лошо“, напиша Трамп во еден од твитовите, барајќи од неговите поддржувачи да се помолат.
Како членовите на Претставничкиот дом навлегуваа подлабоко во дебатата за импичмент, интензитетот на реакции на Трамп се зголемуваше, па тој почна да пишува со големи букви.
Долниот дом на Конгресот, каде демократите се мнозинство, изгласа импичмент за Трамп по партиска линија.
За првата точка – злоупотреба на службената должност – гласаа 230 членови на Претставничкиот дом, додека против беа 197. Втората точка – опструирање на Конгресот – беше усвоена со 229 гласови, додека 198 беа против.
Сепак, предлогот за отповикување на Трамп не значи негово инстантно разрешување. Овој процес само го отвора патот за судење во Сенатот следниот месец, кој го има последниот збор за тоа дали Трамп ќе биде сменет од должноста.
„Ројтерс“ забележува дека Сенатот е понаклонет кон Трамп отколку Претставничкиот дом, бидејќи во него мнозинство имаат републиканците.
Импичментот за претседателот Доналд Трамп е трета ваква одлука во историјата на САД. Пред Трамп, одговорност била побарана од Ендрју Џонсон во 1868 година и Бил Клинтон во 1999, но и двајцата подоцна беа ослободени во Сенатот.
Во 1974 година, Ричард Никсон беше пред гласање за импичмент што сигурно ќе беше усвоено, но тој го избегна поднесувајќи си оставка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Блинкен пристигнува во Израел, седми пат од почетокот на војната
Американскиот државен секретар во вторник ќе го посети Израел, седми пат по нападот на палестински Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и војната што следеше со израелскиот одговор во Појасот Газа.
Јавниот сервис Кан објави дека Блинкен ќе дојде во Израел за да разговара за најавената операција на израелската армија во Рафах, како и за напорите да се обезбеди пауза во борбите и да се ослободат повеќе од 100 заложници кои ги држеше Хамас.
Блинкен моментално е во посета на Кина.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Европа
Уапсен украински министер
Украинските антикорупциски тела денеска го уапсија министерот за земјоделство Микола Солски. Судот на министерот му изрече превентивна мерка притвор во траење од 60 дена, до 24 јуни. Сепак, Солски ќе биде ослободен од притвор доколку плати кауција од 75,7 милиони гривни (околу 1,7 милиони евра).
Обвинителството побара притвор поради ризик од попречување на истрагата, влијание врз сведоци и бегство. Тие истакнаа дека Солски во текот на вонредната состојба неколку пати ја минувал границата.
Адвокатот одговори дека Солски ја преминал границата поради службени патувања, освен во еден случај кога заминал на договорено отсуство. Тој се осврна и на тоа дека Солски како функционер може да патува во странство само со согласност на премиерот. Тој исто така изјави дека нема докази дека Солски би можел да се меша во истрагата или да влијае на сведоците.
Солски вчера понуди оставка откако беше осомничен за вмешаност во незаконско стекнување државно земјиште. Обвинителите тврдат дека Солски бил фатен дека поседува државно земјиште во вредност од 291 милион гривни и дека се обидел да добие друго земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски ги негира обвиненијата, за кои обвинителите велат дека се однесуваат на настани од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година. Солски е еден од најбогатите функционери во администрацијата на претседателот Володимир Зеленски.
Ако плати кауција, ќе мора да ја предаде својата обврзница на властите и нема да му биде дозволено да разговара со други осомничени и сведоци во случајот.