Свет
Трамп: Ми се јави Трудо, повикот заврши донекаде пријателски

Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа објави дека разговарал со канадскиот премиер Џастин Трудо.
„Џастин Трудо од Канада ми се јави да ме праша што може да се направи со царините. Му реков дека многу луѓе умреле од фентанил кој ги преминал границите со Канада и Мексико и ништо не ме убеди дека тоа престанало.
Тој рече дека има подобрување, но јас реков: „Тоа не е доволно добро“. Повикот заврши „донекаде“ пријателски! Не можеше да ми каже кога се одржуваат канадските избори, што ме натера да се запршам, како, што се случува овде? Тогаш сфатив дека се обидува да ја искористи ситуацијата за да остане на власт. Со среќа Џастин“, напиша Трамп.
Царините стапија во сила вчера.
„За сите заинтересирани, му кажав и на канадскиот гувернер Џастин Трудо дека во голема мера ги предизвика проблемите што ги имаме со нив поради неговата слаба гранична политика, која дозволи огромни количини фентанил и илегалци да влезат во Соединетите држави. Овие политики се одговорни за смртта на многу луѓе“, додаде тој во последователниот пост.
Вчера стапија на сила долгонајавуваните царини од 25 отсто на Трамп за Канада и Мексико, заедно со новата царина од 10 отсто за Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Речиси половина од младите во Велика Британија сакаат свет без интернет

Најновото британско истражување покажа дека речиси половина од младите луѓе на возраст меѓу 16 и 21 година би претпочитале да живеат во свет каде што нема интернет, објавија денес британските медиуми.
Во исто време, 50 проценти од анкетираните го поддржале ограничувањето на користењето интернет по 22 часот, а речиси 70 проценти рекле дека се чувствувале полошо по посетата на социјалните мрежи, објави „Гардијан“.
Истражувањето покажа дека една четвртина од анкетираните поминуваат четири или повеќе часа на ден на социјалните мрежи, а 42 процента рекле дека се согласуваат со своите родители за она што го прават онлајн.
Анкетата, во која учествувале 1.293 млади луѓе, исто така открила дека 42 процента од нив лажат за својата возраст додека се онлајн, како и дека 40 проценти имаат лажен профил, а 27 испитаници признале дека се преправаат оти се сосема друга личност додека се на социјалните мрежи.
Како што е наведено, 27 проценти од испитаниците рекле дека ја споделиле својата локација преку интернет со непознати луѓе, а 68 проценти процениле дека времето што го поминуваат преку интернет има негативен ефект врз нивното ментално здравје.
Истражувањето е спроведено откога британскиот министер за технологија, Питер Кајл, навести дека владата размислува за ограничување на времето поминато на некои апликации, како што се „Тик-ток“ и „Инстаграм“.
Одговорната за безбедноста на децата на интернет, Рани Говендер, вели дека оваа мерка може да помогне, но дека не може да ги заштити децата од штетна содржина, освен ако не се применат други мерки.
Таа додаде дека примарниот фокус на компаниите и владите треба да биде да се осигурат дека децата и младите користат многу побезбедни веб-страници, што создаваат помалку зависност.
Свет
Зеленски: Русија купува време, треба да се притисне со уште посилни санкции

Еден ден по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека војната мора да заврши со преговори, но со реални и јасни предлози.
„Очигледно е дека Русија се обидува да купи време за да ги продолжи војната и окупацијата“, напиша Зеленски на апликацијата „Телеграм“.
Тој додаде дека Украина работи со партнерите за да го зголеми притисокот врз Москва.
„Санкциите се важни и благодарен сум им на сите што ги прават поопипливи за оние што ја почнаа војната“, вели Зеленски.
Тој повтори дека Украина е „подготвена за сите ефективни формати на преговори“, но и предупреди дека ако Русија продолжи да поставува нереални услови, мора да следуваат сурови последици.
Свет
Лавров: Путин му ја потврди на Трамп целта за праведно решение во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин му ја потврди на претседателот на САД, Доналд Трамп, посветеноста на Москва за постигнување праведно решение на конфликтот во Украина, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Лавров потсети на цврстата позиција на Русија за „праведно решавање на украинската криза создадена од Западот“ нагласувајќи дека оваа позиција уште еднаш јасно ја потврди Путин вчера по телефонскиот разговор со Трамп, јави ТАСС.
Путин претходно им изјави на новинарите дека разговорот со Трамп траел повеќе од два часа и дека бил суштински и искрен.
Ова беше трет телефонски разговор меѓу лидерите на Русија и САД од почетокот на годината.
Путин додаде дека Трамп во разговорот нагласил дека Русија се стреми кон мирно решение во Украина.