Свет
Трамп: Најверојатно ќе се сретнам со Зеленски следната недела
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека неговиот план за Појасот Газа, според кој САД ќе ја преземат контролата врз палестинската територија што ќе биде испразнета од нејзините жители за да може повторно да се изгради, не бара „брзање“.
„Апсолутно нема брзање“, рече американскиот претседател.
Тој вчера изјави дека Газа „ќе биде предадена на САД од Израел на крајот на борбите“. Дотогаш, Палестинците „веќе ќе бидат преселени“ на друго место во регионот, особено во Египет или Јордан.
Двете земји ја отфрлија таквата опција, што исто така предизвика меѓународни критики, со предупредување од ОН дека тоа може да биде „етничко чистење“. Тоа беше жестоко отфрлено и од Хамас и од палестинската управа на Западниот Брег.
Во денешното кратко обраќање пред новинарите во Овалната соба, Трамп исто така рече дека „најверојатно“ ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски следната недела.
„Веројатно ќе се видиме следната недела“, рече тој.
Повтори дека има намера да се сретне и со рускиот претседател Владимир Путин. За време на неговата кампања, Трамп вети дека веднаш ќе стави крај на војната во Украина по неговото враќање на власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

