Свет
Трамп: Постои голема омраза меѓу Путин и Зеленски
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека мировните преговори меѓу Украина и Русија се во тек и напредуваат нормално, но дека постои голема омраза меѓу рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Володимир Зеленски.
„Постои огромна омраза меѓу овие двајца лидери, Путин и Зеленски. Разговараме. Сè оди добро. Војната мора да престане“, изјави Трамп пред новинарите во неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида, според јутјуб-каналот на Белата куќа, пренесуваат мердиумите во регионот.
Кога новинарите го прашаа дали ќе инсистира Божиќ да биде крајниот рок за постигнување мировен договор, Трамп рече дека се надева оти конфликтот ќе заврши.
„Веќе не трошиме пари за оваа војна. Поранешниот претседател Џозеф Бајден даде 350 милијарди долари и којзнае што се случи со тоа. Сега продаваме ракети, авиони и најдобра воена опрема на НАТО. Значи, не фрламе пари како што правевме во времето на Бајден. Тој беше будала и она што ѝ го направи на земјата е ужасно“, истакна американскиот лидер, според написите.
Тој повтори дека завршил осум војни и дека сите се уморни од оваа војна.
Во последните недели САД ги обновија своите напори за посредување во мировен договор меѓу Москва и Киев. По неколку рунди разговори, нацрт-документот се смета за поприфатлив за Киев, но сè уште постојат разлики за територијалните и за безбедносните гаранции.
На 14 и 15 декември украинската делегација ги продолжи преговорите во Германија со учество на специјалниот претставник на американскиот претседател Стивен Виткоф и Џаред Кушнер.
Во Мајами од 19 до 21 декември украинските и американските делегации одржаа серија состаноци за мировниот план и разговараа со претставници на Русија, но немаше знаци на напредок и не беа најавени нови состаноци.
Фото: депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Ги намалуваме царините за Индија, таа престанува да купува руска нафта
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе ги намалат царините за индиската стока, откако Индија се обврзала да престане да купува руска нафта и да го зголеми увозот на енергенси од САД, а можно и од Венецуела.
Во објава на мрежата „Тру соушал“, Трамп соопшти дека по разговор со индискиот премиер, Нарендра Моди, е постигнат трговски договор со кој реципрочната царина за Индија се намалува од 25 на 18 проценти. Според договорот, Индија ќе ги намали своите царини и нецарински бариери за американски производи на нула и ќе инвестира повеќе од 500 милијарди долари во американската енергетика, технологија и други сектори.
Трамп оцени дека запирањето на купувањето руска нафта од страна на Индија би придонело за завршување на војната во Украина.
Сепак, аналитичарите посочуваат дека овој чекор ќе биде тешко изводлив, бидејќи Индија и понатаму увезува околу 1,5 милиони барели руска нафта дневно. Како можна алтернатива се споменува венецуелската нафта, но нејзината инфраструктура е во лоша состојба и би биле потребни години и големи инвестиции за значително зголемување на производството.
Свет
Беспилотно летало со непознато потекло падна врз воена база во Полска
Беспилотно летало со непознато потекло се урна врз воена база во Пжасниш во северно-централна Полска на 28 јануари, објави денес полското радио Зет, повикувајќи се на извори, пишува „Ројтерс“.
Радио Зет, исто така, наведува дека полската воена полиција потврдила дека е започната истрага за инцидентот.
„Ројтерс“ не можеше веднаш да добие коментар од Воената полиција.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.

