Свет
Трамп потврди дека на 12 јуни сепак ќе има состанок со Ким Џонг-ун
Американскиот претседател, Доналд Трамп, потврди дека ќе се состане со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Сингапур на 12-ти јуни.
Претседателот на САД го потврди состанокот, по средба со висок официјален претставник на Северна Кореја во Белата куќа, кој му предал писмо од водачот Ким.
Ким Јонг-чол, еден од најблиските соработници на севернокорејскиот лидер, е највисоко рангиран претставник од оваа земја кој престојувал во посета на Белата куќа во последните 18 години, што е многу симболичен знак за смирување на тензиите меѓу двете земји, по стравувањата предизвикани од минатогодишните закани за нуклеарни напади и ракетните проби во Северна Кореја.
Засега не е објавена содржината на писмото од Ким Џонг-ун, а кога новинарите прашле за ова, Трамп шеговито возвратил кон нив: „Колку би ми платиле за да ја откријам содржината“.
Трамп исто така ја спушти топката кога санува збор за соработката меѓу Русија и Северна Кореја. Тој претходно ја критикуваше посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Пјонгјанг, но сега рече дека таа може да доведе до некои позитивни чекори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Политико: ЕУ дополнително ги заострува визите за Русите
ЕУ се подготвува да престане да издава повеќекратни шенгенски визи за руските граѓани, а во повеќето случаи ќе им се издаваат само еднократни визи, изјавија тројца европски претставници за „Политико“.
Новата политика, која се очекува да биде одобрена оваа недела, е најновата во серијата санкции против Москва поради нејзината војна во Украина. Исклучоци ќе бидат направени за хуманитарни случаи и за руски државјани кои имаат и државјанство на ЕУ.
Брисел веќе ја ограничи можноста за добивање шенген визи за руските граѓани.
Процесот стана поскап, побавен и со ограничени опции.
Регион
Црна Гора се поблиску до Европската Унија: познат е можниот датум за влез
Црна Гора го доби својот најповолен извештај за напредокот во европската интеграција откако ги започна преговорите за пристапување со Европската Унија. Европската комисија, во документ презентиран во Брисел во вторник, изјави дека земјата постигнала значителен напредок и дека би можела да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година ако го задржи сегашното темпо на реформи, објави ДВ.
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, изјави дека Црна Гора е „најподготвена за членство во ЕУ од сите земји-кандидатки“, нагласувајќи дека проширувањето на Унијата е реална можност во наредните години.
Комесарот за проширување, Марта Кос, додаде дека се приближува времето кога Брисел ќе започне со подготовките за склучување на Договор за пристапување со Црна Гора.
Црна Гора минатата година затвори четири преговарачки поглавја, а планира да затвори уште до крајот на годината. Европската комисија нагласува дека е клучно да се одржи стабилен напредок во реформите и политичкиот консензус, за да може процесот на преговори да се заврши до крајот на 2026 година.
Амбасадорот на Европската Унија во Црна Гора, Јохан Сатлер, го нарече ова „најдобриот извештај на Европската комисија за Црна Гора досега“, но предупреди дека следните 14 месеци ќе бидат клучни, особено во зајакнувањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Премиерот Милојко Спајиќ рече дека ова е најпозитивниот извештај досега, нагласувајќи дека Црна Гора постигнала напредок во 18 од 33 преговарачки поглавја. „Ги гледам препораките од Брисел како патоказ за Владата и Парламентот“, рече тој.
Германскиот амбасадор Петер Фелтен оцени дека Црна Гора „постигнала значителен напредок во сите поглавја“ и дека препораките се силен водич кон исполнување на преостанатите услови за членство.
фото: принтскрин
Свет
Словачка ја разгледува Полска како нова рута за увоз на гас
Словачкиот претседател, Петер Пелегрини, ја поздрави можноста земјата да увезува гас преку Полска, како алтернатива на рускиот природен гас.
По средбата со полскиот колега Карол Навроцки, Пелегрини истакна дека поврзувањето на гасните мрежи би овозможило диверзификација на енергетскиот увоз, доколку цените и транзитните такси бидат разумни.
Навроцки најави дека Полска има план да стане регионален центар за снабдување со американски течен гас. Двајцата лидери ја истакнаа важноста од инфраструктурното поврзување и имаат усогласени ставови за миграцијата и безбедноста во рамките на НАТО.

