Свет
Трамп: Се надевам дека ќе се постигне дипломатско решение за Газа, таму владее хаос

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека се надева дека ќе постигне дипломатско решение за конфликтот во Газа, предупредувајќи дека во таа енклава владее хаос.
„Ја проучуваме Газа и се занимаваме со Газа многу интензивно. Постои вистински хаос“, рече Трамп, како што објави денес „Тајмс оф Израел“.
Во исто време, Соединетите Американски Држави сметаат дека признавањето на Палестина од страна на неколку нејзини сојузници, како што се Велика Британија, Австралија и Канада, е „перформативно“.
„Нашиот фокус останува на сериозна дипломатија, а не на перформативни гестови. Нашите приоритети се јасни – ослободување на заложниците, безбедноста на Израел и мирот и просперитетот за целиот регион, што е можно само без Хамас“, изјави еден од портпаролите на американскиот Стејт департмент под услов на анонимност, објави „Тајмс оф Израел“.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Американски психијатар: Трамп покажува знаци на деменција, претседателот негира

Поранешниот професор на Универзитетот Џонс Хопкинс, д-р Џон Гартнер, во интервју за американскиот весник „Дејли бист“ изјави дека претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, покажува симптоми на деменција.
Според него, шефот на Белата куќа има „значајно оштетување на јазичните функции, размислувањето, психомоторните способности, контролата на импулсите и цела низа други области“. Гартнер потсети дека Трамп претходно користел богат вокабулар и градел „јасни и елоквентни реченици“, додека денес, како што истакнува, „често се случува да не може да заврши мисла“, според написите.
„Мора да ги земеме предвид сите овие промени во однесувањето и говорот“, нагласи тој, додавајќи дека многу граѓани не се свесни дека американскиот претседател порано бил многу поелоквентен.
Трамп, од друга страна, постојано одговараше на шпекулациите за неговото здравје, тврдејќи дека „се чувствува подобро од кога било“.
Дискусијата за здравјето на Доналд Трамп останува една од централните теми во американскиот јавен живот, пренесуваат светските медиуми.
Фото: принтскрин
Свет
Европските аеродроми: летовите сè уште се одложуваат

Хакерскиот напад врз системот за пријавување сè уште го нарушува нормалното работење на погодените аеродроми и, според најновите податоци, сè уште се евидентираат доцнења на летови, а аеродромот во Брисел побара од авиокомпаниите да откажат околу половина од денешните летови поради проблеми што сè уште не се решени, пренесуваат светските медиуми.
На аеродромите во Берлин и Лондон, ситуацијата вчера доста се стабилизираше, но некои летови сè уште се откажани или доцнат, објавува денес Би-Би-Си.
Провајдерто на системот за пријавување „Колинс Аероспејс“, во сопственост на RTX, утрово соопшти дека работи со погодените аеродроми и авиокомпании и дека се во завршна фаза на ажурирање на софтверот потребен за враќање на целосната функционалност на системот, објави Ројтерс.
Портпаролот на аеродромот во Брисел изјави дека „Колинс Аероспејс“ сè уште не доставил безбедна, ажурирана верзија на софтверот, што го принуди аеродромот да побара откажување на голем број летови за денес. Аеродромот во Брисел вели дека провајдерот на услуги активно работи на решавање на проблемот, но дека сè уште не е јасно кога проблемот ќе биде решен. Овој аеродром побара од авиокомпаниите да откажат околу 140 од 276 закажани летови за денес, објави АП.
Аеродромот Берлин-Бранденбург во неделата објави дека некои проблеми сè уште се присутни, но дека постои рачен систем за справување со тешкотиите. „Понекогаш има подолги чекања за пријавување, качување, ракување со багаж и подигнување на багаж. Доцнењата на летовите денес се во согласност со нормалниот работен ден“, се наведува во соопштението.
Аеродромот Хитроу во Лондон во неделата наутро соопшти дека сè уште работи на решавање од дефектот на системот за пријавување на патници, додавајќи дека „огромното мнозинство летови продолжуваат да работат“.
Во петокот, хакери го нападнаа провајдерот на систем за пријавување и качување „Колинс Аероспејс“, предизвикувајќи прекини на аеродромот Хитроу во Лондон, како и на аеродромите во Берлин и Брисел. Европската комисија, која има улога во управувањето со воздушниот простор во Европа, изјави дека „внимателно ја следи ситуацијата во врска со сајбер нападот“, но дека нема индикации дека е широко распространет или сериозен.
Кибер нападите во воздухопловниот сектор се зголемија за 600 проценти во текот на изминатата година, според неодамнешниот извештај на француската авиокомпанија „Тале“.
Фото: принтскрин
Свет
САД ги критикуваат новите признавања на палестинската држава: „Тоа е само претстава“

Соединетите Американски Држави (САД), близок соработник на Израел, го критикуваа признавањето на палестинската држава за кое се одлучија голем број земји, нарекувајќи го „шоу потег“ и нагласувајќи дека Вашингтон е посветен на сериозна дипломатија на Блискиот Исток.
„Продолжуваме да бидеме посветени на сериозна дипломатија, а не на шоуменство. Нашите приоритети се јасни: ослободување на заложниците, безбедноста на Израел, како и мирот и просперитетот за целиот регион, што не може да се гарантира без отсуство на Хамас“, изјави портпарол на Стејт департментот, кој не сакаше да биде именуван.
Денес, Франција и неколку други земји треба да ја признаат палестинската држава на отворањето на големиот годишен собир на лидерите во Њујорк на сесијата на Генералното собрание на ОН, каде што една од главните теми ќе биде војната во Газа.
Признавањето има претежно симболично значење и беше предвидено за време на самитот организиран од Франција и Саудиска Арабија за иднината на решението со две држави, израелска и палестинска, кои живеат една до друга во мир и безбедност, што е крај на еден повеќемесечен процес за кој се залагаше францускиот претседател Емануел Макрон.
Пред овој состанок во ОН, Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија вчера официјално ја признаа палестинската држава. Така, најмалку 145 од 193 земји-членки на ОН ја признаваат палестинската држава, според информациите на француската новинска агенција.
На овој начин, статусот на Палестинците како набљудувачи во ОН чие целосно вклучување е блокирано од САД не се менува.
Фото: принтскрин