Свет
Трамп: Турција се вклучи во падот на Башар ал-Асад преку поддршка од исламистичка група
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Турција била вмешана во падот на режимот на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад преку нејзината поддршка за Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), исламистичката група што го предводеше нападот врз Дамаск претходно овој месец.
Трамп рече дека Турција извршила „непријателско преземање без многу изгубени животи“ во Сирија, што Анкара го негира.
Новоизбраниот американски претседател исто така истакна дека Турција ќе игра клучна улога во иднината на Сирија и го пофали турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, пренесува „Блумберг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Дванаесетгодишно момче застрелано во Германија
Дванаесетгодишно момче било застрелано во глава, а полицијата ја истражува можноста за обид за убиство, наводно извршен од негов 14-годишен пријател, објави денеска „Билд“.
Момчето во неделата вечерта со спасувачки хеликоптер било пренесено во болница во Штутгарт.
„Неговата состојба се уште не е позната. Чекаме информации од докторот“, изјави роднина на момчето.
Полицијата набрзо потврдила дека не станува збор ниту за обид за самоубиство, ниту за несреќа.
Портпаролот на јавното обвинителство во Ротвеил, каде што се случи инцидентот, Робин Шреј, изјави дека тие го истражуваат случајот како обид за убиство.
Тим живеел со своето семејство во мирниот град Ирслинген, населба со околу 900 жители.
Свет
Турција добива една милијарда евра од ЕУ за сириските бегалци
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објави дека Турција ќе добие уште една милијарда евра оваа година за помош на сириските бегалци во Турција.
„Оваа сума треба да се додаде на речиси 10 милијарди евра што Анкара веќе ги доби од 2011 година за да им помогне на луѓето кои бегаат од режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, кој сега е соборен“, рече фон дер Лајен.
„Речиси три милиони сириски бегалци живеат во Турција, а повеќе од еден милион добија азил во Европската унија.
Новите пари треба да се искористат за здравство и образование, но и за управување со границите и финансирање на доброволното враќање на бегалците“, додаде таа.
„Едно е јасно, сите враќања мора да бидат доброволни, безбедни и достоинствени. Работиме со УНХЦР за да се осигураме дека се исполнети сите неопходни услови“, заклучи Урсула фон дер Лајен, зборувајќи заедно со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара.
Ердоган истакна дека долгорочната и сеопфатна помош на ЕУ, вклучително и инвестициите во основната инфраструктура во Сирија, е клучна за да им се овозможи на Сиријците да се вратат во својата татковина.
По средбата, и Ердоган и Фон дер Лајен ја истакнаа потребата од постигнување стабилност и зачувување на единството на Сирија, при што таа рече дека Турција има клучна улога во рехабилитацијата на регионот.
Свет
Унгарија и Словачка ги блокираа санкциите на ЕУ кон Грузија
Унгарија и Словачка ги блокираа плановите на Европската Унија да ја санкционира Грузија поради насилство врз проевропските демонстранти и опозициските лидери, објави утринава германската новинска агенција ДПА.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, ја оправда одлуката на неговата земја во понеделникот по состанокот на ЕУ во Брисел тврдејќи дека Унијата ја зазема страната на демонстрантите и дека Грузија била цел само затоа што на изборите победила патриотска и конзервативна партија наместо либералните сили.
Планот на ЕУ беше да воведе забрана за влез во ЕУ на неколку функционери одговорни за полициското насилство и да ги замрзне сите средства што тие можеби ги имаат во ЕУ. Сепак, тоа овој пат не успеа.
Сепак, планот за укинување на безвизниот режим за Грузијците со дипломатски пасоши или за луѓето што работат за владата во странство сè уште е на маса. Планот е ова да се предложи на крајот на годината, изјави еврокомесарот за надворешна политика и безбедност, Каја Калас. За ова би било доволно само мнозинство гласови од земјите членки, а не едногласна согласност како во случајот со санкциите.
Огромното мнозинство од членките на ЕУ веруваат дека грузиските власти неодамна користеа незаконско насилство и произволни апсења против демонстрантите и лидерите на опозицијата.
Противставувањето на Унгарија и Словачка на санкциите дојде откога Литванија најави проширување на санкциите на уште 17 лица, кои ги смета за одговорни за насилството.
Литванија исто така го стави грузискиот премиер Иракли Кобахидзе на листата на санкционирани лица, на кои, како и другите на списокот, му е забранет влез во Литванија. Естонија претходно додаде 14 дополнителни грузиски политичари на својот список.
Австрискиот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг, повика да не се уништуваат сите мостови кон Грузија.
„Би сметал дека е геостратешка грешка да се оттргне оваа земја во овој момент“, рече Шаленберг додавајќи дека е неопходно да се одржи дијалогот и дека мнозинството Грузијци сè уште сакаат да ѝ се приклучат на Унијата.
Тој исто така јасно стави до знаење дека Австрија не е склона да го следи примерот на Литванија и Естонија во воведувањето санкции на премиерот Кобахидзе и другите водечки политичари.
Протестите во Грузија избија по наводните нерегуларности на неодамнешните парламентарни избори и одлуката на владејачката партија Грузиски сон да го суспендира процесот на пристапување во ЕУ на четири години.